Меѓународен неред

Трамп и меѓународниот либерален поредок

„Најмоќната држава во светот започна процес со кој го минира и саботира меѓународниот поредок кој самата го создаде“.

На овој начин Ikenberry го започнува есејот во кој се обидува да даде одговор на прашањето дали меѓународниот (либерален) поредок може да преживее, дури и кога американската надворешна политика заговара против него. За потребите на оваа дискусија, меѓународниот (либерален) поредок ќе го дефинираме како збир на постоечки правила, норми и институции кои ги регулираат однесувањето на и односите меѓу државите, а кои во голема мера се одраз на вредностите кои се прифаќаат по 1945 година. Меѓународниот систем е либерален во смисла дека неговите основни принципи треба да бидат: владеење на правото, почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите, слободна трговија, и воспоставување на систем за почитување на човековите права. За да ги постигнат овие цели државите (меѓу другото) почнуваат да градат инфраструктура која треба да го овозможи и/или олесни преминот од вредносни заложби во конкретни политики, па така ги креираат меѓународни институции како Обединетите нации, Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд, Светската трговска организација, НАТО кои и самите понатаму стануваат креатори на политики.

Дури и да не се сложиме во целост со Ikebnerry, во најмала рака можеме да аргументираме дека меѓународниот поредок се соочува со бројни предизвици. Еден од предизвиците е моменталното политичко раководство на САД. Генерална идеја за односот на  претседателот Трамп и неговата администрација кон меѓународниот систем може да се добие од преглед на клучните политики во надворешните односи на државата откога тој е претседател. Досега централен дел од надворешната политика на Трамп се: повлекувањето на САД од Парискиот договор за климатски промени; повлекувањето на САД од Иранскиот договор за нуклеарно разоружување;  повлекувањето на САД од Советот за човекови права во Обединетите нации; воведување на забрана за влез во САД на граѓани од седум земји [доминантно муслимански земји]. По вооружената интервенција на САД во Сирија во април 2017 година, администрацијата на Трамп иницијално не објави правно оправдување за интервенцијата, постапувајќи спротивно на пракса воспоставена уште од времето на претседателот Труман во 1950 година. Дури една година по интервенцијата, а под притисок на граѓанското општество, администрацијата на Трамп конечно го објави правниот документот. Во суштина, нечуствување на потреба да се објави правниот случај за една меѓународна воена интервенција зборува многу за значењето кое оваа администрација го придава на меѓународното право. За тоа како Трамп и администрацијата под негово водство се разликува од претходните и како ваквиот став кон меѓународното право го загрозува меѓународниот поредок, го делам  мислењето на Monica Hakimi достапно тука.

Гореспоменатата листа на политики предводени од Трамп кои го поткопуваат меѓународниот поредок, е далеку од целосна. Секојдневно сме изложени на нови политики и предлози кои го потценуваат или пак директно се спротиставуваат на веќе разнишаниот меѓународниот систем. Можеме да заклучиме дека меѓународниот либерален поредок е предизвикан и тоа еден од предизвикувачите е во Белата Куќа.

Donald_Trump_swearing_in_ceremony

Традиционални партнери

Видливата тензија меѓу претседателот Трамп и меѓународниот систем добро ја сумира нео-либералниот теоретичар Joseph S.Nye, Jr. кој вели едно можно објаснување за моменталната ситуација е дека „Трамп како критичар на меѓународниот систем верува дека трошокот да го оддржува овој систем е далеку поголем од бенефициите кои САД би ги добивала од него денеска. Според Трамп, Америка би била во подобра позиција доколку влегува во процеси и преговори директно со државите“ отколку преку институциите на меѓународниот систем. Европската унија пак, спротивно на ова, судејќи според досегашните политики, има интерес да го зачува моменталниот систем, и како резултат на тоа сме сведоци на  неколку области на несогласувања меѓу ЕУ и САД во нивните надворешни политики.

Еден пример кој добро ја илустрира оваа тензија е Договорот за нуклеарно разоружување со Иран. Европската унија остана посветена кон целосната имплементација на договорот со Иран и покрај повлекувањето на САД.  Со ова Унијата даде до знаење дека нема лесно да се повлече од она што таа го смета за еден од најголемите успеси на нејзината надворешна политика во изминатите години, како и од принципот на соработка во меѓународните односи како основа на либералниот поредок. Ставот на Унијата да го поддржи договорот со Иран е збогатена со одлуката на Европската комисија да активира механизам кој ќе им овозможи на ЕУ компании да продолжат да соработуваат со Иран и покрај обновените санкциите на САД. По најавеното повлекување на САД,  претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск изјави: „некој би рекол, со вакви пријатели на кого му требаат непријатели“, додека канцеларката Меркел предупреди дека со оваа одлука Трамп „ја повредува довербата во меѓународниот поредок“.

Друго прашање кое носи нагласени несогласувања меѓу ЕУ и САД се климатските промени и начинот на кој меѓународната заедница треба да одговори на овој предизвик. Унијата сеуште го застапува ставот дека решение  за климатските промени може да се најде преку моменталниот меѓународен поредок. Па така, ЕУ верува дека еден од начините да се пристапи кон справување со климатските промени е преку консолидиран меѓународен одговор за кој лидерите на денешницата веќе се договорија во Париз. И покрај иницијалното потпишување на договорот, во август минатата година САД се повлече од Парискиот договор, реализирајќи го ветувањето на Трамп од изборната кампања. Повлекувањето беше проследено со апел до државите да креираат платформа за разговори околу можен нов договор. Ова барање беше експресно одбиено од Франција, Германија и Италија со заедничка изјава дека вакви разговори не се можни и дека тие ќе се држат до договореното во Париз. САД во моментов се осамени во опозицијата кон договорот од Париз, а ЕУ продолжува да верува во системот и гради коалиции со Кина за да ја одржи имплементацијата на договорот и да ја забрза глобалната транзиција кон чиста енергија.

На оваа листа може да се додаде и финалниот резултат од Јунскиот самит на G7 каде Трамп се повлече од заедничката изјава на 7-те светски сили. Тензијата на овој состанок беше присутна примарно заради воведувањето тарифи од страна на САД кон ЕУ државите и други традиционални партнери на САД. Имено, овие тарифи ставија во погон низа реакции од страна на ЕУ кон САД кои резултираа со воведување на пропорционални тарифи.

Oва се само конкретни политики кои го предизвикуваат меѓународниот систем, настрана реториката, вредностите и специфичните изјави на Трамп и неговата администрација кои сметам дека го прават јазот поголем.

Последниот пример ќе го споменеме каде е евидентен конфликтот или барем различниот пристап во надворешните политики на ЕУ и САД е Ерусалим. Одлуката на претседателот Трамп да ја префрли амбасадата на САД во Ерусалим и да го признае како главен град на Израел беше експресно критикувана од европските држави. Тереза Меј изјави дека одлуката не помага во надежите за мир во регионот, Меркел јасно не ја поддржа одлуката, а Макрон изрази жалење за овој чекор. Првиот дипломат на ЕУ, Моргерини се приклучи на овие апели повторувајќи му на Нетанјаху дека ЕУ ќе го почитува меѓународниот консензус за Ерусалим. Но тоа што е вредно да се спомене е дека овој чекор предизвика и внатрешна поделба меѓу ЕУ членките. Имено Унгарија и Чешка се две држави членки кои оневозможија градење на заедничка, единствена позиција на ЕУ, блокирајќи резолуција со која остро ќе се осуди оваа одлука на САД.  Дополнително неколку држави членки на ЕУ одлучија да гласаат воздржани во ООН, кога Генералното собрание усвои резолуција со која се осудува одлуката на САД.

За разлика од овие држави членки на ЕУ, кандидатите за членство во Унијата, Албанија и Македонија во декември во Генералното собрание на ОН гласаа „за“ резолуција со која се осудува одлуката на САД. Она што создава забуна е што токму Македонија и Албанија беа меѓу 32-те земји кои испратија свои дипломатски претставници на отворањето на американската амбасада во Ерусалим. Овој чин зборува дека некогаш помалите европски држави надвор од ЕУ немаат конзистентност во надворешното постапување особено за вакви тешки прашања. Се чини дека ризикот од неконзистентност во надворешните односи се зголемува дополнително  кога: ЕУ и САД имаат различна позиција; кога самата ЕУ нема едногласна позиција; и генерално во време кога САД не дава поддршка или активно ги спори  воспоставените норми и практики на меѓународниот поредок.

Мора да нагласиме дека ова не е прв пат претседател на САД да креира политики кои се надвор од воспоставените меѓународни практики и норми, но верувам дека тие примери не може да се споредат со постапките на моменталната администрација која се чини скоро плански го потценува меѓународниот систем.

architecture-buildings-business-539746

Несогласувањата се реални и нема да исчезнат преку ноќ

Да ги сумираме клучните претпоставки во текстот: прво моменталната администрација на САД креира политики кои го предизвикуваат меѓународниот либерален поредок; второ овие политики создаваат несогласувања меѓу Европската унија и САД за клучни прашања; трето,  како резултат на предизвикот на САД меѓународниот поредок, може да се очекува да се интензивираат несогласувањата помеѓу членките на Унијата при градењето на заедничките позиции за прашања од сферата на меѓународните односи (нешто што и сега е нотирано како  постоечки проблем на заедничката надворешна полтиика на ЕУ).

Конечно, овие случувања влијаат и врз останатите чинители во меѓународната заедница, вклучително и врз Македонија. Тука би сакал да се надоврзам на идеја за која веќе имам пишувано, а е во насока на избегнување на недоречености и контрадикторности во нашата надворешна политика (како во споменатиот случај со Ерусалим) во ситуации кога два стратешки партнери на Македонија ЕУ и САД имаат различни позиции во нивната надворешна политика, или пак кога ЕУ нема консензус за некое прашање.

Стратешкитите документи на нашите институции покрај јасната определба за евро-атлантските интеграциите мора да одат чекор повеќе и да ги дефинираат позициите на Македонија за низа прашања од меѓународните односи и меѓународното правo. Минатата година предложив тоа дефинирање да се базира на јасна вредносна рамка која ќе ни даде патоказ за нашето однесувања во меѓународните интеракции и во меѓународните институции. Таа рамка ќе ни овозможи конзистентна политика која нема да се соочува со проблеми во ситуации кога САД и ЕУ имаат различни политики за некое прашања или пак кога самата ЕУ ќе има проблем да изгради заеднички став. Секако овој предлог не е взаемно исклучлив со други теории како една држава да ја води меѓународната политика, а верувам некој ќе понуди аргументи и зошто не е ниту правилен. Но, тоа што мораме да го направиме е да ги согледаме предизвиците и да отвориме општествена дискусија преку која ќе изнајдеме соодветни механизми за носење на одлуки во надворешната политика кои се конзистентни, комплементарни, предвидливи и дел од долгорочна стратегија.

За крај, на позитивната страна на нештата, можеби меѓународниот систем – истиот тој систем кој ни овозможи најдолг период на светскиот мир –  ќе излезе како победник од оваа битка. Можеби системот и неговите поддржувачи ќе ги корегираат недостатоците и ќе го искористат овој момент да ги зајакнат вредностите на кои е изграден овој систем. Тоа сценарио е возможно и посакувано, но во меѓувреме нашите општества треба да ја согледаат реалноста и да одговорат соодветно на неа.

Автор: Лазар Поп Иванов

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.