За човековите права, д-р Елена Михајлова-Стратилати

[Прашање од Член 1]: Што се човековите права?

[Михајлова-Стратилати]: Човековите права како што ги разбираме денес се во голема мера производ на западната мисла и водат потекло од широките природни права на 18тиот век. Тие се продолжение на долгата филозофска и идеолошка традиција која се развива од Просветитеството.

Како и да е, денешните човекови права се права на правниците, не права на филозофите. Поточно, терминот човекови права денес се користи за да ги опише специфичните норми кои произлегоа од политичкиот проект преземен во голема мера по Втората светска војна. Овој политички проект, отелотворен во современото движење за човековите права, се стреми да формулира и спроведува меѓународни норми кои ќе ги спречат владите од правење на ужасни работи на своите луѓе  и така да промовира меѓународен мир и безбедност.

Во оваа смисла можеме да кажеме дека Човековите права се еден сет, под-сет на универзални морални права кои ги заштитуваат фундаменталните и генерални човекови интереси од интернвенција, или во некои случаи не-интервенција на јавните институции, на (националните, регионални и меѓународни) јавни институции.   Тие се минимални стандарди дизјанирани да ги заштитат морално валидните и фундаментални човекови интереси, конкретно од злоупотреби на политичката моќ. (Значи) тие се справуваат со сериозни политички злоупотреби кои ги поткопуваат фундаменталните (човекови) интереси и ги лишуваат луѓето од достоинство. И нивната содржина е исто толку разновидна како и тие злоупотреби.  Тие сочинуваат семејства како безбедносни права, правата врзани со правична постапка, основните слободи и социјалните права. Човековите права денес се меѓународно ориентирани и промовирани.

[Прашање од Член 1]: Кој ги доделува, кој ги штити и кој најчесто ги прекршува човековите права?

[Михајлова-Стратилати]: Човековите права се гарантирани национално од уставите на поединечните земји и со меѓународните договори (универзални и регионални). На пример регионален, за нас посебно важен меѓународен договор, е Европската конвенција за човекови права.

Значи, тие постојат како правни норми на национално и меѓународно ниво. Со тоа што, кога се имплементирани во меѓународното право, ние за нив говориме како за човекови права;  но кога се имплементирани во домашното право имаме тенденција да ги опишуваме како граѓански или како уставни права.

Можно е определено право да биде претставено во повеќе од еден нормативен систем во исто време. На пример, правото на слобода од тортура може да е право во рамките на оправданиот морал, право во рамките на домашниот правен систем, и право во рамките на меѓународното право. Овој вид на компатибилност е идеал на движењето за човековите права, кое бара широка согласност помеѓу различните нивоа на право, постоечките морални кодови и стандардите на просветлените моралности.

Човековите права се првенствено одговорност на владите. Примарните носители на одговорности, оние назначени со одговорности и должности за човековите права) се светските влади. Владите имаат двојнa улога во однос на човековите права. Од една страна, нивната поддршка  е потребна за многу права да станат ефективни, а од друга страна тие се често најзначајниот потенцијален извор на повреди. Владите се често обете- и примарните одговорни и прекршителите.

И често пати, борбата за почитување на човековите права значи обидување да се натера владата да ги ограничи сопствените агенции, институции  и да ги користи своите законски овластувања  за да ограничи други (и да се воздржи самата од повреди и да ја користи својата правна сила во ова да ги ограничи и другите).

Значи, и луѓето учествуваат како индивидуи во повредите на човековите права, (ова е на пример особено карактеристично во областа на дискриминација), и треба да бидат спречени во тоа од јавните институции и особено низ правни средства. На пример, правото на слобода од дискриминација ги обврзува индивидуите и владите да не дискриминираат и понатаму бара владите да усвојат законодавство кое ја прави дискриминацијата нелегална. Или обврската да не се врши тортура паѓа врз секого, обврската да се заштити од тортура паѓа примарно на владите.

Иако човековите права се првенствено одговорност на владите, постојат и  второстепено одговорни –  поединците и меѓународните организации –  кои имаат улога на поддршка, од нив се бара да настапат кога примарно одговорните не сакаат или не можат да ги исполнат своите одговорности. На пример, Индивидуите ја носат одговорноста на создавање и одржување на општествен и политички поредок кој ги почитува и заштитува правата и слободите. Меѓународните институции ја носат одговорноста да ги помагаат, охрабруваат и вршат притисок врз владите да се воздржуваат од повреда на човековите права и да обезбедат ефективни заштити од повреди/кршења.

static1.squarespace.com

[Прашање од Член 1]: Дали и во која мера се важни човековите права во меѓународниот систем?

[Михајлова-Стратилати]: Човековите права имаат голема важност во меѓународниот систем денес, и како прашање на стабилност на меѓународниот поредок и како споделен морален јазик

Креаторите на Обединетите нации веруваа дека масовното кршење на човековите права го трасира патот за агресија и дека стабилноста на меѓународниот поредок зависи од тоа во која мера се почитуваат правата на човекот во секоја држава. Тие го ограничуваат националниот суверенитет, правејќи како тоа како една држава ги третира своите жители да биде прашање на меѓународно испитување и загриженост.

Меѓународните човекови права се артикулација во јавниот морал на светската политика на идејата дека секој човек е предмет на глобалнa грижа. Не е важно каде се наоѓа лицето или на која политичка или социјална група припаѓа. Секој има човекови права и одговорностите за почитување и заштита на овие права можат, во принцип, да се прошират преку политичките и општествени граници. Промовирањето и распространувањето на оваа идеја е меѓу најимпресивните наследства на Втората светска војна.

Денес, ако може да се каже дека јавниот дискурс на мирнодобското глобално општество (меѓународната заедница) има заеднички морален јазик, тоа е оној на  човековите права.Тие се прифатената меѓународна валута за морална и политичка дебата.

[Прашање од Член 1]: Каква улога (може да) играат човековите права во креирањето на надворешната политика на државите?

[Михајлова-Стратилати]: Човековите права во надворешните политики на државите можат да се јават како инструмент за зајакнување на сопствениот кредибилитет (на пример практиката на потпишување и ратификување на договорите за човековите права и учество во механизмите за имплементација на тие договори) и да значат фокусирање врз прекршувањата од страна на други држави.

Компонентата на човекови права во надворешната политика на државите е централна карактеристика на политиката на човековите права. Државите формираат меѓународни институции за човекови права, поддржуваат и/или се спротиставуваат на напорите за спроведување на човековите права и се главните цели на овие напори.  Поентата е дека иако меѓународните стандарди и механизми за човековите права се создадени како правен потфат, имплементацијата отсекогаш била доминирана од меѓународните односи. И во оваа смисла е важно вклучувањето на човековите права од државите во нивните надворешни политики,

Секако,  човековите права како дел од националните интереси на државата и  човековите права наспроти одбрана и трговијата итн….  е прашање на меѓународната политика, и го оставам таму, само би потенцирала дека моралната привлечност на човековите права не е без (никаков) ефект во меѓународните односи. И од оваа (или други) причини, човековите права играат улога во креирањето на надворешната политика на државите.

[Прашање од Член 1]: Една од критиките упатени кон коцептот на човекви права е дека истиот е  западоцентиричен. Имајќи го тоа во предвид, обидот за промоција на човековите права некои критичари го третираат како  наметнување на западни вредности, како би ги оцениле овие аргументи?

[Михајлова-Стратилати]: Самата идеја за универзална примена на човековите права е често пати критикувана како „империјалистичко“ наметнување на Западните вредности на не-западните општества. Во оваа смисла, меѓународниот режим за човекови права е претставен како западен етички империјализам, а бранителот на човековите права често пати обвинет за неосетливост, ароганција и културно наметнување.

Конкретното обвинение кое треба да се разгледа тука, не е толку дали универзалните етички стандарди можат да се најдат низ целиот свет, колку дали конкретното изразување на етика во смисла на човекови права (кое го земаме во предвид) може да се смета за применливо во други култури различни од Западната во која тие човекови права прво се родиле.

Човековите права ги соочуваат сите култури со основните морални барања за тоа како да се третираат човечките суштества. Сите култури без исклучок подлежат на постојан надзор, евалуација и предизвикување од доктрина за човековите права, и ниту една од културите не е етички привилегирана или имуна од таква критика. Точно е дека доктрината за човекови права го има своето потекло и својот ран развој во западното општество. Но како и другите универзални идеи, и човековите права стануваат независни од посебната европска историја во која се развивиле и сега се уверливи и убедливи (единствено) поради нив самите.

И оваа поента вреди да се потенцира. Ако идејата за човековите права се разви на Запад, исто така и многу други политички и економски идеи кои го нагласуваат модерниот меѓународен живот – „сувереноста“, државата, демократијата, пазарната економија, социјализмот, развојот, меѓународното право и инситути. Западот самиот беше бавен да ја прифати идејата на човековите права: најстрашните повреди на чп во модерната историја беа сторени во текот на дваесетиот век во срцето на Западна Европа.

Според тоа, крајниот пристап под однос на обвинувањето за западен имеријализам е да се видат човековите права не како наметнување над некои култури од други, туку како предизвик за секоја култура.

Ние ги почитувме религиските, општествените и културните карактеристики кои ја прават секоја земја уникатна/посебна. Но ние не смееме да допуштиме културниот релативизам да стане последното засолниште на репресијата.

Културниот релативизам може да изгледа привлечно….. широко распространетата идеја дека почитувањето на една личност  подразбира почитување на неговата култура затоа штто културата го сочинува , барем делумно, неговиот идентитет. Како и да е, не смееме да заборавиме дека дури и локалните култури можат да бидат оспорени од оние луѓе чии култури тие несомнено се. Премногу често, погрешното почитување на културата вклучува земање во предвид на толкувањата на доминантните елити или мнозинствата како претставување на културите на сметка на субординираните групи.

Теоретичарот на човековите права не треба да биде “премногу лесно уплашен од повикот за културната различност”и треба да биде подготвен за “можноста од конфликт помеѓу човековите права и културните традиции “. Во такви случаи доктрината за човекови права не може да го даде својот благослов на практиките кои ги идентификува како морално гротескни и нечовечки само затоа што тие практики се обвиткуваат/обвиткани во мантија/плаштот на културата.  Според тоа,  дел од функцијата на човековите права како изразување на глобално ефективна етика е да дејствуваат како продолжена критика не само на индивидуите, туку исто така и на цели општества и култури.  Историјата на аболиција на ропството е таков пример, кој јасно зборува за болното предизвикување на културите од појавувањето на нови етички увиди. Борбата за правата на жените денес која се соочува со културна опозиција (по вкоренета во некои делови од светот, отколку во другите) е уште еден таков пример – дека сите култури биваат/се етички предизвикани речиси како дел од нивната еволуција.

По дефиниција тогаш, доктрината на универзалните човекови права ja носи етичката пресуда за сите општества и култури и ги деапсолутизира, во име на човековото достоинство, сите политички, општествени и економски структури или режими. Нејзината цел дури може да биде опишана како дијагностицирање и справување со моралните слепи точки кога и општествата да страдаат од такви слепи точки, или морален хендикеп низ светот. Според тоа, концептот на човековите права, далеку од тоа да е империјалистички, повеѓе обезбедува основа за критикување на империјализмот.

Како и да е, секогаш постои предизвикот на признавање и допуштање на различни начини, или дури, степени на имплементирање на човековите права во различни култури.

И меѓународните норми за човековите права може да акомодираат доста од културната и политичка разноликост. Формулацииите на човековите права користат широк јазик кој овозможува значителна флексибилност во толкувањето и примената на национално ниво. (Што дури и некогаш го прави разликувањето помеѓу „толкување“ на човековите права на културно специфичен начин и потценувањето на нивната универзална применливост може да е тешко да се детерминира) Кога човековите права се спроведуваат од судовите, како на пример правата од Европската конвенција за човекови права, опсегот дозволен за локално толкување е ограничен. Но дури и таму постои прилагодување,  Доктрината на „маргина на процена“ му дозволува на Европскиот суд за човекови права да го прифати толкувањето на националните власти во работи кои се културно осетливи.

[Прашање од Член 1]: Кој е најголемиот предизвик за човековите права во времето во кое ние живееме?

[Михајлова-Стратилати]: Предизвикот за човековите права денес е прашањето на нивната имплементација. И покрај зголемувањето на бројот на чинители кои ја преземаат одговорноста за имплементација на човековите права (покрај судовите, сега имаме независни органи, невладини организации, разни меѓународни агенции за мониторинг/следење и сл.), постои голем диспаритет во спроведувањето на човековите права на глобално ниво. Се разбира, ова е така затоа што имплементацијата на човековите права е во голема мера зависна од економијата, историјата, културата итн. Но, главниот предизвик останува нееднаквоста во комбинација со неразвиеноста: богатството е поврзано со силни институции, а тие се поврзани со подобри резултати во спроведување на човековите права

Понатаму, проширувањето на правата што се сметаат за човекови права и пролиферација на меѓународни и национални правни документи, или како цврсто право, на пример меѓународни договори  или како меко право, на пр. насоки на меѓународните организации чија цел е заштита и унапредување на човековите права – е друг предизвик. Човековите права имаат тенденција да регулираат се повеќе и повеќе аспекти на општествениот живот, дури и аспекти кои традиционално би се сметало дека се строг индивидуален избор. Тука лежат опасности за индивидуалната автономија. На парадоксален начин, премногу разговор и практика за човекови права може да има обратни ефекти за автономијата, индивидуално и општествено.

На пример, во САД не може да има ограничувања во однос на “политичките пари” (т.е. пари кои се придонес за политички партии или кандидати за државни функции), бидејќи се сметаат дека спаѓаат во слобода на говорот. Тоа е, овие пари се третираат како форма на говор. И тоа е опасност за политичка автономија = демократијата, бидејќи големите лоби и фирми можат многу да влијаат на политиката донирајќи големи суми на пари.

Во Европа слободата за водење на бизнис, видена како човеково право, доведе до намалување на заштитата на трудот и на другите социјални права. Повикувањето на човековите права, како права што треба да се заштитат независно од нечија нација, со цел да се “оправдаат” сомнителните потези на глобалната политика, од воените т.н. хуманитарни интервенции, до посуптилни форми на притисок, дипломатски, економски итн. е исто така предизвик денес.

[Прашање од Член 1]: Каква улога имаат [vs. би требало да имаат] човековите права во македонската надворешна политика?

[Михајлова-Стратилати]:Нашата надворешна политика треба да има во предвид дека почитувањето на човековите права игра голема улога во меѓународните односи денес.Човековите права се дел од меѓународните односи. И тоа бара  (паралелно со ЕУ интеграциите кои ке значат усвојување на ЕУ стандардите за човекови права) поактивно учество во (меѓународните) договорните аранжмани кои буткаат во насока на адресирање на сопствените проблеми со човековите права.

[Прашање од Член 1]: Како би го оцениле начинот на кој Македонија постапи со предизвикот на бегалската криза во 2015 година?

[Михајлова-Стратилати]: Справувањето со бегалската криза во 2015 година беше голем предизвик за целокупното општество. На почетокот институциите не беа (целосно) подготвени за решавање на ова прашање, за соодветно постапување. Дополнително, прашањето беше оптоварено со официјалната нарација на бегалската криза. Официјалната политика наместо да го постави како прашање за  нејзините обврски за заштита на човековите права на луѓе кои бегаат од прогон и војни или примена на меѓународните режим на правата на бегалците, го претстави  исклучиво како прашање на спречување на промена на демографската слика,  и спречување на некакви безбедносни, економски, социјални проблеми за жителите на државата.

Како и да е, тука беа невладините организации.  Мотивирачки чекор беа активностите на граѓанскиот сектор, кои во голема мера придонесоа и дел од нивните активности понатаму да се преточат во политики на владините институции и на меѓународните здруженија“, што како вакво беше нотирано и од претставниците на УНХЦР во Македонија.

Елена Михајлова-Стратилати, Јуни 2018

Користена литература:

James W. Nickel, Making Sense of Human Rights, second edition, Blackwell Publishing, 2007

Jack Mahoney, The Challenge of Human Rights: Origins, Development, and Significance, Blackwell Publishing, 2007

Michael Freeman, Human Rights: An Interdisciplinary approach, Polity Press, 2002

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.