Автор: Љупчо Стојковски [Авторот е докторант по меѓународно право на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје]
Колумната е евалуација на позицијата на МНР [дознај повеќе] за концептот на „хуманитарна интервенција“
Иако воопшто не сакам да ги делам правото и моралот како целосно засебни категории, посебно кај меѓународното право и при употребата на сила, она што веднаш го забележувам од ставот на МНР е дека тука нема „п“ од право. Ниту се разработува тоа зошто хуманитарната интервенција е правен основ, ниту се наведуваат елементите кои ја сочинуваат оваа основа. Се дава само морален став по ова прашање, а и тој не е баш многу објаснет. Понатаму, не е баш јасно дали се зборува само за авторизирана или и за неавторизирана хуманитарна интервенција, а се помешуваат и хуманитарната интервенција со Одговорноста да се заштити (R2P). Доброто нешто е што барем моралниот став е во вистинска насока. Но, да почнам по ред.
Во литературата за хуманитарна интервенција се даваат најразлични дефиниции за овој поим. Јас ја дефинирам како употреба на сила од страна на една или група на држави во друга држава која е во состојба на вооружено насилство, без (доброволна) согласност на истата држава, со цел спречување на масовни (и систематски) кршења на фундаменталните човекови права на населението од таа држава.
Дефиницијата намерно нема никакви правни квалификации во себе и е доволно широка да ги вклучи и ткн. хуманитарна интервенција која е овластена од Советот за безбедност на ОН согласно Глава VII од Повелбата на ОН и онаа која е без таква авторизација. Но, ова не значи дека двата типа на интервенција имаат еднаков правен статус денес.
Авторизирана хуманитарна интервеција е денес веќе неспорно правно дозволена. Доколку Советот за безбедност процени дека постои масовно кршење на човековите права во една држава и определи, согласно член 39 од Повелбата на ОН, дека постои закана по мирот, повреда на мирот или акти на агресија, тогаш тој може да овласти употреба на сила со цел нивно спречување. Сфаќањата за тоа што се подразбира под „ закана по мирот, повреда на мирот или акти на агресија“ и под „меѓународен мир“ еволуирале низ годините, па денес не се бара да постојат некои транснационални последици за да може да се повика оваа основа (иако формално никогаш не се ни барало такво нешто), туку тука веќе влегуваат и масовни повреди на човековите права исклучиво во една држава. Ова е неспорно и согласно меѓународните правила за толкување на меѓународните договори и оттука не е проблематично. Затоа, кога денес се зборува за правна дозволеност на хуманитарната интервенција, се мисли пред се на неовластена хуманитарна интервенција.
Неовластена хуманитарна интервенција е со проблематична легалност. Станува збор за интервенција која е преземена од страна на една или група на држави без одобрување од Советот за безбедност на ОН. Ваква употреба на сила е недозволена според двата исклучоци предвидени во Повебата (овластување од Советот за безбедност или самоодбрана). Оттука, за истата да биде правно дозволена, потребно е да постои обичајно правило кое ја дозволува истата. За да постои пак обичајно право, според класично интерпретирање на меѓународното право, потребно е да постои екстензивна и безмалку униформа практика, и opinio juris, односно свест дека таквата практика е наложена од правото. Мнозинството од држави денес сметаат дека овие два услова не се исполнети па затоа и не сметаат дека постои обичајно право кое дозволува хуманитарна интервенција. Други држави, како Велика Британија, сметаат дека постои право на хуманитарна интервенција. Одредени автори, пак, укажуваат дека (обичајното право за) хуманитарната интервенција не ни треба да се оценува по истите стандари како и останатите норми, особено во поглед на практиката, бидејќи овде практиката и онака се одвива на маргините и е исклучок, и затоа не ни може да се очекува некоја распространета практика.
Ниту еден од овие правни аспекти не е спомнат ниту разработен во одговорот од МНР. Освен тоа од одговорот не е баш јасно за кој тип на интервенција зборува Министерството. Од една страна, во првиот пасус, кој е прилично конфузен и ја помешува хуманитарната интернвеција со R2P (види подоле), се алудира на Повелбата на ОН и на надлежноста на Советот за безбедност, односно на авторизирана интервенција. Овој впечаток се засилува и со последните два пасуси кои исто така се однесуваат за Советот за безбедност и неговото однесување кога се во прашање ситуации на масовни злосторства.
Од друга страна, во вториот и третиот пасус се говори за неавторизирана хуманитарна интервенција. Тука се споменува постоењето на таква практика, но не се вреднува дали е истата е позитивна или не или дали е доволна за да се смета дека постои обичајно право за хуманитарна интервенција. Единствено се споменува дека интервенцијата треба да биде употребена како последно средство и се нагласува дека предвид треба да се земат и други „одлучувачки фактори“, без да се истакне за кои фактори станува збор. Во теоријата обично се истакнуваат шест такви фактори (преземени од ткн. Теоријата за праведна војна): постоење на праведна причина, проценување на ситуацијата од вистински авторитет, пропорционалност при употребата на сила, постоење на изгледни шанси за успех, постоење на вистинска намера и сила како последна мерка. Велика Британија, на пример, во своето оправдување на хуманитарната интервенција се повика на три од овие: праведна причина („екстремна хуманитарна нужда“), не постоење на друго решение на проблемот освен употреба на сила, и нужност и пропорционалност при употребата на сила. Веројатно Министерството ги имало на ум (некои од) овие фактори, но освен употребата на сила како последно средство, не ги има јасно кажано останатите.
Друго нешто кое е очигледно од одговорот на МНР е помешувањето на хуманитарната интервенција со Одговорноста да се заштити (Responsibility to Protect, R2P). Одговорноста да се заштити е концепт кој беше прифатен на Светскиот Самит на држави и влади во 2005 година, според кој државите треба да ги заштитат своите населенија од геноцид, воени злосторства, злосторства против човештвото и етнички чистења. Доколку државите очигледно потфрлат во оваа своја примарна одговорност, тогаш одговорноста се префрла кај меѓународната заедница. Секундарната одговорност на меѓународната заедница се состои во обезбедување помош на државите во исполнување на својата обврска, но и, по потреба, преземање на колективни (принудни) мерки овластени од Советот за безбедност. Оттука, хуманитарната интервениција и R2P не се синоними. R2P е многу поширок концепт и фокусот го става кон оние кои треба да се заштитат, а не кон оние кои (би требало да) интевенираат, како што тоа го прави хуманитарната интервенција. Освен тоа, преземањето на колективни мерки од Советот за безбедност е исто така пошироко од хуманитарната интервенција. Во таквите мерки во некои случаи може да влезе и воена интервенција, но истите може да подразберат и други принудни мерки за спречување на масовни злосторства кои не вклучуваат интервенција, како на пример ембарга, забрани за летање, економски сакнции и сл.
Во оваа смисла, повикувањето на R2P во првиот пасус, во контекст на некакво оправдување на хуманитарната интервенција е целосно несоодветно. Несоодветно е и истакнувањето на Француско-Мексиканската иницијатива за суспендирање на ветото на постојаните членки на Советот за безбедност во ситуации на масовни злосторства и на Кодот на однесување во вакви ситуации предложен од ACT групата на држави. Овие две иницијативи се дел од она што во теоријата е познато како Одговорност да не се става вето (Responsibility not to veto, RN2V), што претставува дериват на Одговорноста да се заштити (Responsibility to Protect R2P), и не е поврзано со хуманитарна интервенција. Ниту пак идејата на Одговорноста да не се става вето е истата да се применува само при предложени воени интервенции како одговор на масовни злосторства. Во ниту една од 13-те нацрт резолуции за ситуацијата за Сирија кои Русија ги блокираше, ни од далеку не се споменуваше некаква интервенција, а сепак оваа ситуација беше главната мотивација за иницијативата да не става вето при масовни злосторства.
Доброто нешто во целиот овој одговор на Министерството е што нема a priori негативен став и е отворено кон идејата за хуманитарна интервенција. Поконретно, добро е што нема традиционално, веќе напуштено, сфаќање за суверенитетот како апсолутна категорија според кое нема место за никакво интервенирање во една држава без разлика што и да се случува во неа, вклучително и извршување на масовни злосторства. Сепак, останува во некое следно произнесување на Министерството да ги видиме моралните и правните аргументи во поддршка на овој став.