Критички осврт кон ставот на МНР, д-р Методиј Хаџи Јанев

Автор:  Методиј Хаџи Јанев, доктор по меѓународно право. Хаџи Јанев е ветеран, офицер и прв командант на македонските специјални сили во Ирак (кои беа и наградени од страна на Државниот Секретар за одбрана на САД), одговорен за обуката на македонски специјалци декларирани за воени мисии од 2004 до 2010 година и креатор на првите правила на однесување на македонските вооружени сили во Авганистан.

Колумната е евалуација на позицијата на МНР [дознај повеќе] за концептот на „хуманитарна интервенција“

Кога го читам одговорот на Министерството за надворешни работи на Вашето прашање добивам впечаток дека резултатот на истиот (ако идејата е да се испрвоцира дебата) би можел да се објасни на три начини. Прво, дека одговорот е „стокмен“ без некое посебно внимание-што најверојатно е резултат на отсуството од ваква би рекол „пионерска“ мисија која ја започнувате. Второ, најлошата варијанта, за која не сакам да верувам дека е вистина – игнорантски однос и давање на одговор поради одговор. Трето, (што сметам дека е најверојатно) одговорот е „стокмен“ со внимание и практично отсликува претпазливост на адмнинистративецот заради отсуството од сериозна јавна дебата во академска, политичка, професионална (дипломатска) и оперативна (отсуство на воената мудрост во државата) смисла. Во контекст на последното, тоа значи дека Македонија нема изградено конкретен став и дека како и за речиси сѐ што е поделикатно во областа на меѓународните односи ќе се движиме во „стадо“, или пак, ќе бидеме во милост на „харбри“ или пасивни лидери (примерот со одлуката да се земе учество во операцијата „Слобода за Ирак“). Полоша варијанта е дека ќе имаме дипломати кои во отсуство од јасна одлука заради отсуство на државна стратегија по однос на дадени проблеми како овој проблем ќе донесат одлуки во последен момент по сопствено убедување или по одлука на „шефот“ донесена во последен момент (ова за волја на вистината во дипломатијата и меѓународните односи е пракса и кај многу посилните и моќни држави).

Дебатата во армискиот-вооружениот дел во овој контекст е безбедна од едноставна причина што ad bellum моментот (во оперативна смисла „гоу“ или „но-гоу“) е во рацете на политиката (Собрание, Претседател, Влада и Министерство за одбрана). Дополнително, in bello аспектот пак е растегнат помеѓу политиката (волјата и креативноста околу националните ограничувања); правото (нормата – апсолутот за почитување на правилата на меѓународното право за вооружен конфликт) и доктрината (која е растегната од офанзивни и дефанзивни операции со размер на конфликт до операции со нагласена воздржаност кои популарно се нарекуваат операции за чување-одржување-наметнување-поддршка на мир или пак, како резултат на современата пракса, на операции без дозвола на Советот за безбеднбост на ООН – „операции за стабилизација и поддршка“). Земајќи во предвид дека целиот концепт на одбраната почива на „експедициски сили“ (што само по себе е предмет на друга дебата) сметам дека како и до сега, ова ќе биде најсветлиот дел во овој контекст.

Она што во однос на Вашата цел на оваа дебата би сакал да го истакнам е дека барањето на правен основ за употреба на сила како резултат на т.н. „хуманитарната интервенција“, е еден од најконтроверзните во меѓународното право. Пред воопшто да се впуштиме во расправа по однос на ова прашање искуствено сметам дека за да постигнеме успех и да го задржиме фокусот на дебатата на потребното рамниште (без да запаѓаме во чисто етички или морални расправи околу тоа дали постои или не меѓународно право? Дали тоа е право на посилниот? и сл.) потребно е да ја поставиме рамката за расправа врз претпоставката дека меѓународното право не функционира како домашното право. Концептуално, државите следат една од двете големи правни традиции познати како т.н. „цивилно право“, „континентално право“ или „Римско правна традиција“ (каде припаѓаме ние) и држави со т.н. „обичајно право“ „прецедентно право“ или познато како „Common Law“. Иако навидум едноставна ваквата поделеност, истата влијае во пристапот кон меѓународното право и неговата интерпетацијата. Последното е битно заради фактот што во првата група на држави доминантни извори на правото се формално правните извори на правото, додека во втората група на држави, доминираат материјалните извори на правото. Поинаку кажано, во земјите со континентално право доминантни се пишаните извори на правото, додека во земјите со т.н. обичајно право непишаните извори на правото. Иако не до крај прецизна, уште една систематизација која ќе помогне во оваа дебата е да се истакне дека генерално, би се очекувало, земјите во кои доминантна е традицијата на континенталното право да сметаат дека дејствието (во случајот хуманитарната интервенција со воена сила) е дозволена или забранета ако тоа е пропишано. Спротивно во земјите со обичајно право би се очекувало дека перцепцијата околу легалноста на одредено дејствие (хуманитаната интеврнеција со воена сила) не мора да е стриктно пропишана. Легалноста може да се црпи од праксата, судските одлуки и сл.

Втората претпоставка е дека за да се разбере комплексноста на расправата за употребата на сила во име на хуманитарна интеревнција во меѓународното право, особено во контекст на перспективата и иднината на употребата на сила во праксата под овој превез, е потребно да се земат во предвид дополнителни фактори кои не се непосредно правни. За таа цел најпрвин ќе ги објаснам правните апсекти околу употребата на сила во име на хумантрана интервенција, а потоа сосема накратко ќе се осврнам на дополнителните услови кои треба да се земат во предвид кога станува збор за иднината на хумантираната интервнција.

Правната аргументација околу употребата на сила во име на хуманитарна интервенција 

Во меѓународното право не постои пишано правило кое изрично ја дозволува употребата на сила во име на хуманитарна интервенција. Затоа правната аргументација по однос на ова прашање ќе мора да ја побараме преку анализа и интерпретација. Анализата ќе ја започнеме преку појаснување на изворите на меѓународното право кои подоцна ќе послужат во докажувањето и градењето на став по однос на прашањето од интерес. Потоа ќе се осврнеме на принципите и стандардите на меѓународното право околу употребата на сила. Ова ќе ни биде основа за натамошната расправа во која ќе поставиме две под тези преку кои ќе ја разгледаме легалноста на употребата на сила во име на хуманитарната интервенција. Прво ќе претпоставиме дека хуманитарната интервенција со употреба на сила е легална согласно принципите и стандардите на меѓународното право. Потоа, ќе претпоставиме дека таквата употреба на воена сила не е легална согласно постоечкото меѓународно право. Дополнително, за да на читателот му биде до крај јасно треба да се направи јасна дистинкција помеѓу употреба на воена сила за хуманитарни цели (во случај на природни катастрофи или катастрофи предизивикани од човечки фактор) од една страна, и хуманитарна интервенција со воена сила (во праксата најчесто против режим, но не исклучиво и против организирана група која грубо ги крши човековите права, предизивикува геноцид или сл.). Првиот тип на воено интервенирање од хуманитарни побуди (во кое не се изведуваат борбени операции, туку само воени операции нема да биде предмет на расправа и аргументација).

Краток осврт на изворите и употребата на сила во меѓународното право

Согласно членот 38 од Статутот на Меѓународниот суд на правдата изворите на меѓународното право се (а) конвенциите-договорите (генералните-општите или „тематски“) кои креираат-генерираат правила преку јасна согласност од страна на земјите-потписнички кои се обврзале на тоа (односно со содржината или делови од неа во овие документи); (б) обичаите како востановена пракса која е прифатена како право; (ц) генералните принципи на меѓународното право прифатени од цивилизираните народи и (д) судските одлуки и мислењата на истакнатите експерти како дополнителни извори на правото. На прв поглед доминантни извори на меѓународното право се материјалните извори. Сепак, праксата покажува дека во однос на хиерархијата на изворите мислењата се поделени и помеѓу државите и помеѓу експертите. „Клинчот“ генерално се појавува кога за одредено дејствие постои правило кое е пишано (усвоено на конвенција) и обичај кој отстапува од прописот. За жал, во случајот на хуманитарната интервенција со употреба на воена сила има ваков случај на колизија (иако не постои јасен кодификуван принцип или стандард, според одредени автори јасно е дека хуманитарната интервенција пред употреба на воена сила е обичајно правило). Со други зборови, постои колизија помеѓу тоа дали за одредено дејствие (хуманитарна интервецнија со употреба на воена сила) како доминантен извор на правото ќе се смета правило креирано-пропишано преку постоечки договор (конвенција) или пак како доминантен ќе биде обичајот.

Употребата на сила во меѓународното право е регулирана преку принципот на генерална забрана и исклучоци од таа забрана. На една страна постои генерална забрана за употреба на сила пропишана во членот 2 (4) од Повелбата на ООН. Овој член од Повелбата е основа за градење на принципот на „неинтервенирање“. Во исто време постојат пропишани исклучоци од оваа забарана за употреба на сила каде таа е дозволена кои стриктно формалиситчки, не ја споменуваат хуманитарната интервенција како таква. Првиот е членот 42 од Повелбата кој „ексклузивно“ право на употреба на сила го лоцира во СБ на ООН, како крајна… мерка за воспоставување на светскиот мир. Вториот исклучок е во членот 51 од Повелбата, со кој се предвидува…правото на индивидуална и колективна самоодбрана. Дополнително, постои уште еден пропишан исклучок од генералната употреба на сила кој е надвор од Повелбата на ООН, а е поврзан со правото на самоопределување пропишан во членот 1, од Пактот за граѓански и политички слободи и права од 1966 г. (1976). Овде исто така не се споменува употребата на сила како дел од хуманитарна интервенција. Третиот исклучок кој е надвор од Повелбата и не е пропишан е практиката на употреба на сила во самоодрбана против тероризмот (за ова и околу ставот на МНР поопшрино во наредна прилика).

Дебатата во експертските кругови за правната заснованост на употребата на сила е поделена. Во најсимплифицирана форма на една страна се авторите кои сметаат дека „хуманитарната интервенција“ како аргументација за употребата на сила е дозволена согласно принципите и стандардите на меѓународното право. На спротивниот екстрем се автори кои сметаат дека унилатерално (значи без одлука на Советот за безбедност на Обединетите нации – СБ на ОН) не постои правна основа за употреба на сила во име на „хуманитарна интервенција“.

Хуманитарната интервенција со воена сила како правно дозволено дејствие согласно принципите и стандардите на меѓународното право   

Овој пристап во аргументацијата се заснова на идејата на доминација на материјалните извори на правото. Истиот одговорите ги гради надвор од формализмот или поинаку кажано надовр од пристапот на т.н. „black-letter law“. Акцентот во конкретниот пристап се базира врз развојот и еволуцијата на меѓународното право огледани во праксата на државите во периодот по донесувањето на Повелбата на ООН. Моралниот императив за потребата од хуманитарна интервенција со воена сила според овој пристап е резултат на „притисокот“ којшто либерализмот го прави врз генералната забрана за употреба на сила. Космополитизмот и акцентот на заштита на иднивидуалните човекови права (кои се во основата на либерализмот) притоа, директно се поврзуваат со „правдата“ и „обврската-должноста да се дејствува“. Сепак, правната основа на овој аргумент се базира на востановената пракса. Во овој контекст, употребата на сила под превезот на хуманитарната интервенција од страна на државите во праксата се интерпретира како изграден принцип. Ваквата пракса генерално (иако не е исклучено да има и други повеќе или помалку силни аргументи) ја еродира забрана за употреба на сила во членот 2(4) од Повелбата преку градење на нов принцип. Овој принцип за употреба на сила во меѓународнто право според некои видувања е исклучок од генералната забрана за употреба на сила надвор од Повелбата на ООН. Според други пак, овој исклучок е втемелен во Повелбата на ООН во членот 42, како правен лек на Советот за безбедност на ООН.

Правната аргументација за ваквиот став во праксата (интерпетациите на државите и толкувањата на експертите – opinio juris) се гради преку три основи (сите овие основи поаѓаат од претпоставката дека доминантни извори во меѓународното право се материјалните извори на правото).

Прво, дека генералната забрана за употреба на сила во членот 2(4) е занемарена со постојаното прекршување од страна на државите во пракса. Повикувајќи се на емприската пракса одредена група на автори сметаат дека во периодот по донесувањето на Повелбата државите преку констатното крешење на членот 2(4) допринеле во еродирањето на неговото значење. Во ваквото однесување, според овие автори, државите се воделе не само од своите интереси, туку и од универзалните интереси како хуманизмот.

Втората основа за аргументација се базира на меѓународно општествените сили кои се во подем (конкретно хуманизмот како општествена сила на меѓународен план-материјалната димензија). Според овој појдовен основ во градењето на аргументацијата прогресот на хуманизмот на меѓународната политичка сцена ја менува нормативната средина. Последнот се одразува на начин што принципот за „неинтервенирање“ условно кажано, отстапува пред прогресот на новата норма олицетворена во „хуманизмот“. Оттука, овие „движења“ влијаат на формирање на перцепција но, и востановена пракса која влијае врз општото прифаќање на одредено дејствие (конкретно хуманитарната интервенција со воена сила). Конечно,  потребата од нормативните промени станува евидентна со што, тоа што претходно било противправно станува правно дозволено и прифатено.

Третата основа за аргументација се базира врз „помирувањето“ на принципите на „сувереност“ и „хуманитарна интеревнција“. Наместо колизија, оваа аргументација гледа комплементарност помеѓу овие два принципа. Имено, принципот на сувереност е валиден само ако суверениот (државата, односно нејзините органи) се однесуваат во склад со општо прифатените принципи и стандарди. Оттука, наједноставно кажано, ако суверениот ги крши правата на граѓаните тогаш го губи „имунитетот“ од интервенција.

Најсилниот аргумент за тоа дека хуманитарната интервенција со воена сила е легална сепак, извира од фактот дека СБ на ОН преку Резолуцијата 1674 (2006) најпрвин ја прифатил потребата да се интервенира со воена сила во име на хуманизмот врз основа на членот 42 од Повелбата, но и во неколку наврати ја применил во пракса (Дарфур  – Рез. 1706, Сомалија – Рез. 1814, Либија – Рез. 1973). На тој начин, би можело да се заклучи дека од принцип на употреба на сила како исклучок надвор од Повелбата (во случајот на интервенцијата врз Косово) овој принцип на употреба на сила преминал како принцип кој е исклучок од генералната употреба на сила во склад со Повелбата (членот 42). Најголемиот предизвик на оваа позиција го поставува ситуацијата во Сирија (на ова накратко ќе се осврнеме подолу).

Хуманитарната интервенција со воена сила како правно недозволено дејствие согласно принципите и стандардите на меѓународното право  

Овој пристап во аргументацијата се занова на идејата на доминација на формалните (пишаните) извори на правото. Истиот одговорите ги гради базиран врз формализмот или поинаку кажано, преку пристапот на т.н. „black-letter law“. За оние кои го поддржуват ова стојалиште договорите се главниот и приоритетен извор на правото, а не праксата. Политичките, моралните и трансформаторските – еволутивните аргументи се ирелевантни во контекст на легалноста. Дополнитено, ова стојалиште во градењето на правната аргументација поаѓа од претпоставката дека постои хиерархија на пропишаните норми. Оваа претпоставка подоцна се користи да се негира вреднувањето на обичајот-конкретно за хуманитарната интервенција, но и прописите (конвенциите и резолуциите на СБ на ОН кои се резултат на праксата градена преку фокусот на хуманизмот).

За оние кои го бранат ова стојалиште текстот на Повелбата околу забраната за употреба на сила е со цел-умисла. Тој ја отсликува згрозеноста на народите од нерегулираната употреба на сила од субјектите (државите) и е со намера да го регулира стриктно ова поведение. Затоа, генерално кажано војната е ставена ad acta. Во таа насока не е забранета само употребата на сила туку и нелегалната (унилатералната) закана за употреба на сила. Некои од легендите на меѓународното право, како на пример Броунли ќе забележи дека политичката архитектура по крајот на Втората светска војна јасно ја преточила згрозеноста од војната во стриктна забрана од употреба на сила без мандат на Советот. Иако се свесни за хуманистичкиот елемент кој постои јасно во Преамбулата и секако во членот 55 (ц) од Повелбата повикувајќи се на записниците од подготовката на текстот на Повлебата за време на конференцијата во Сан Франциско (подготовката на текстот на Повелбата), оние кои го поддржуваат ова стојалиште истакнуваат дека е јасно оти било какво ослободување од генералната забрана за употреба на сила во име на хуманост не е ни оддалеку дозволива.

Кулминацијата во аргументацијата за тоа дека употребата на сила под изговор на хуманитарна причина е нелегална можеби претставува интерпетацијата на членот 103 од Повелбата. Ставајќи го овој член како prima facie доказ за тоа дека Повелбата не само што е универзална туку е и меѓународен Устав (значи најопшт правен акт), има за цел да потенцира дека сите договори (особено оние кои се во насока на заштита на човековите права) не може да ја субсидираат забраната за употребата на сила предвидена со Повелбата вклештена помеѓу членовите 2(4) и 42, односно 51. Сѐ што е надовор од оваа употреба на сила може да биде праведно, но никако легално. Таквата оправданост сепак, е субјективна, временски условена и екстремно опасна како пракса за што постојат сериозни докази и од минатото дури и пред Повелбата на ООН.

Од анализата на ставовите околу легалноста на хуманитарната интервенција со употреба на сила е јасно дека истата е предмет на интерпретација и убедување, а не јасно изразено правило. Иако во периодот по Студената Војна започна пракса во која интервенцијата на државите со воена сила од хуманитарни побуди се чинеше дека ќе се иснтитуционализира како норма, настаните во Сирија; изјавите на администрацијата на Трамп, или онаа на Макрон заедно со засилувањето на Русија и Кина на глобален план, се чини како да го вратија прашањето околу хуманитарната интервенција во периодот нa Студената Војна.

Во таа насока слободно може да заклучиме дека во поглед на легалноста хуманитарната интервенција со воена сила ќе биде легална само ако за тоа постои одлука на Советот за безбедност. Но, никако не може да се заклучи дека таа е востановено правило како што е правото на самоодбрана кое е независно од тоа дали Советот донел одлука или не. Земајќи го во предвид последното, станува јасно дека иднината на хуманитарната интервенција со воена сила и понатаму ќе зависи од политичката волја-интересот на силите кои имаат капацитет да интервенираат, односот на силите на теренот и секако, за жал можеби последен на хиерархијата на критериумите интензитетот на кршењето на човековите права.

Став околу позицијата на Република Македонија.

Имајќи ја во предвид моќта на Република Македонија пресликана преку основните инструменти на државна моќ (дипломатијата, економијата, воените капацитети и информациската моќ на државата) се чини дека одговорот на претставниците на МНР по однос на ова прашање сепак се поклопува со третиот предлог кој го дадов на почетокот. НАТО аспирациите не би требало да бидат некој посебен предизвик заради две причини. Прво, евро-атлантските вредности и аспирации се втемелени кај политичката елита, па така без разлика на прашањето до сега солидарноста (иако понекогаш чудна) е евидентна. Второ, (нешто што исклучително малку е разбрано кај нас дури и во академските и политичките кругови) членството во НАТО, па дури и хипотетички во ЕУ, не значи дека ние мораме да имаме идентичен став со сите земји членки. Праксата на Грција во овој контекст е можеби најдобар пример за тоа.

Без разлика на големината и потенцијалната моќ сериозна држава би стимулирала ненарачана или фингирана (реда ради), туку критичка дебата. Оваа дебата би требало да се одвива на повеќе рамништа (академско, оперативно, дипломатско и полтички – економско). Во неа никако не смее да има „локализирање“ или „селектирање“ на кадри што за жал е евидентно во нашето секојдневие во изминатите десетина години. Рамката – создавањето на условите за овој форум секако дека е на терет на државата бидејќи таа е крајниот корисник. Но, водењето на форумот, модерирањето, одредувањето на динамиката на работа па и добивањето на резултатите мора да е надвор од административните кругови. Конечно, за да обезбедиме некаква рамка за дејствување потребно е и сериозно истражување кое ќе даде компаративни и мерливи резултати. Сѐ друго, надвор од ова ќе нѐ остави во спиралата во која тонеме последните речиси три децении.

 

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.