Проф. д-р Јулија Брсакоска Базеркоска: Еколошките прашања во меѓународните односи

Проф. д-р Јулија Брсакоска Базеркоска


Текстот е транскрипт од говорот на професорката Брсакоска – Базеркоска на трибината „Механизмите за остварување на правото на здрава животна средина“, организирана од Член 1 на 23-ти Април 2019 во просториите на Правниот факултет во соработка со проф. д-р Елена Михајлова-Стратилати, вонреден професор по Меѓународно јавно право и проф. д-р Јулија Брсакоска Базеркоска, вонреден професор по Меѓународни односи од Правниот факултет во Скопје 

Добар ден до сите. Исклучително ми е драго што сум дел од денешниот настан организиран од Институтот за глобални политики и право- Член 1. Би сакала да им се заблагодарам на тимот на Член 1 за нивниот ентузијазам и посветеност во организацијата на оваа трибина.

Денес ќе зборувам за значењето на еколошките прaшања во меѓународните односи, со тоа што фокусот ќе го ставам врз два концепти – едниот околу потребата за меѓународна акција за заштита на животната средина и вториот околу потребата од разгледување на безбедносните импликации кои овие прашања ги наметнуваат во меѓународните односи.

Традиционалното јадро на меѓународните политички односи опфаќа прашања кои се однесуваат на развојот и промените во суверенитетот на државите во контекст на еден поширок систем на држави. Поради тоа, прашањата поврзани со војната и мирот, конфликтот и соработката, се централни теми во теориите за меѓународни односи. Најважниот концепт кој треба да се разбере за да може да се направи јасна дистинкција помеѓу домашното општество и меѓународното општество е концептот на анархија. Она што меѓународната политика ја разликува од домашната политика е непостоењето на централна власт која се наметнува врз државите во меѓународното општество. Меѓународното општество е анархично, па во таква состојба на непостоење на централизирана власт која што може да се наметне над државите и да се грижи за нивната благосостојба, секоја држава е оставена самата на себеси. Сепак, ниту една држава не е изолиран остров кој има непробојни граници, особено ако се земе во предвид денешниот степен на глобализација и меѓузависност.

Мислата во меѓународните односи се развива под влијание на историскиот контекст во кој егзистира меѓународното општество, и е под влијание на развојот и промените во суверенитетот и државноста. Токму поради тоа, покрај прашањата поврзани со војната и мирот, современата теоретска дебата во меѓународните односи се фокусира и на прашања поврзани со економската меѓузависност, човековите права, транснационалните корпорации, меѓународните организации, заштитата на животната средина, развојот и.т.н.

Денес живееме во комплексен меѓународен систем во кој државата не може да биде затворена ниту самодоволна. Со достапноста на образованието, свеста за другите култури, заедно со зголемувањето на бројот на национални и меѓународни форуми во кои треба да ги одбраните своите идеи и практики, многу е тешко да го одбраните угнетувањето и непризнавањето на основните човекови права на сопствените државјани, но исто така, многу е тешко да ги игнорирате значењето на еколошките прашања на меѓународната сцена.

Кохезијата на секое општество е базирана на систем на вредности кој бара почитување на човечкото достоинство, приватната сопственост, културните вредности, кои се препознаени како основни вредности на заедницата и се заштитени со уставниот поредок на државата. Во текот на втората половина на дваесеттиот век, државите позасилено почнаа со креирање на меѓународни правила и меѓународни организации кои би се грижеле за меѓународниот мир и безбедност, но и би се грижеле за благосостојбата на човештвото. Ваквите амбициозни тенденции помогнаа да се идентификуваат областите кои се од значење за човештвото. Меѓународното признавање на човековите права беше прв чекор во градење на меѓународна заедница чија основа почива врз фундаментални вредности. На сличен начин, малку подоцна, заштитата на животната средина, стана прифатена како заедничка грижа на човештвото.

И покрај тоа што државите многу тешко пренесуваат дел од својот суверенитет на меѓународните организации и тешко се обврзуваат да си создадат дополнителни обврски на меѓународна сцена, сепак, кога станува збор за заштитата на животната средина, сѐ повеќе се зголемува свеста дека е потребна заедничка акција која ќе има потенцијал да вроди со резултати.

Еден од основните столбови на политиките за заштита на животната средина, како и на меѓународното право во областа на заштитата на животната средина е меѓународната соработка. Соработката помеѓу државите е неопходна особено затоа што постојат голем број на ресурси кои различните држави ги делат меѓусебно, како што се на пример реките и езерата кои сечат граници, воздухот, климата.

Прашањата поврзани со заштитата на животната средина се една од основните компоненти на меѓународните односи денес. Особено големо значење имаат климатските промени кои како проблем на денешницата се наоѓаат високо на агендата на дипломатските кругови. Со зголемувањето на бројот на држави кои се во опасност од исчезнување поради зголемувањето на нивото на морињата, проблемите кои се јавуваат со водоснабдувањето и производството на храна за брзорастечкото население на планетата Земја, доколку не се преземат мерки за да се намали емисијата на стакленички гасови, прашањата поврзани со заштитата на животната средина многу скоро ќе станат централно прашање на односите помеѓу државите.

Но, не било така отсекогаш. И покрај тоа што државите на меѓународна сцена доста рано се соочувале со предизвиците од загадувањето на животната средина, сепак нивната активност во насока на заштита и превенција е доста неефективна и неефикасна. Сознанието дека животната средина не познава граници, како и дека сите ја делиме судбината на нашиот дом – планетата Земја, долго време се бори со хоризонталната структура на меѓународната заедница и постојаното нагласување на државниот суверенитет.

Предизвиците со кои државите почнаа засилено да се судираат, како што се – загадувањето на воздухот, недостатокот на чиста вода за пиење, управувањето со отпадот – особено со токсичниот отпад, како и глобалните климатски промени и намалувањето на биодиверзитетот наметнаа потреба да се дејствува превентивно за да се заштитат природните ресурси кои се неопходни за човековиот опстанок. Државите соочени со потребата да одговорат на овие предизвици сфатија дека е потребен пристап кој ќе биде холистички и експанзивен. Локалните проблеми не може да бидат одделени од националните, регионалните, ниту пак од глобалните текови и услови.

Два настани од дваесеттиот век беа одлучувачки во креирањето на меѓународната агенда за правото и политиката за заштита на животната средина – Конференцијата на ООН за животната средина која беше одржана во 1972 година во Стокхолм, Шведска и дваесет години подоцна – Конференцијата на ООН за животна средина и развој (UNCED) одржана во 1992 година во Рио де Жанеиро, Бразил, која е уште и позната како „Самитот на планетата Земја“. На овие две конференции беа дефинирани најзначајните принципи врз кои е изградено денешното меѓународно еколошко право, и од кои се водат политиките на државите во заштитата на животната средина.

Тука ќе биде нагласен еден од најзначајните принципи во Декларацијата од Стокхолм, кој одлично ја врамува тензијата помеѓу државниот суверенитет и потребата да се заштити животната средина. Според овој принцип: „државите имаат, во согласност со Повелбата на ООН и основните принципи на меѓународното право, суверено право да ги експлоатираат своите ресурси во согласност со нивните политики за заштита на животната средина, и одговорноста да осигураат дека активностите во рамките на нивната јурисдикција не предизвикуваат штета на животната средина на други држави или на области надвор од нивната национална јурисдикција“.

Овој принцип го нагласува државниот суверенитет, но во исто време креира еден исклучок кој е особено важен за заштитата на животната средина, а тоа е – суверенитетот не ја исклучува одговорноста на државата од несакани ефекти кои активностите во рамки на државната територија ги предизвикуваат на животната средина и надвор од државната територија. Постојат уште многу значајни принципи дефинирани во меѓународните документи произлезени од овие две конференции, за кои се надевам ќе имаме време да зборуваме во некоја друга прилика. Тука го нагласувам само принципот на редефинирање на државниот суверенитет во контекст на заштитата на животната средина, за да се потенцира потребата од меѓународна соработка по овие прашања.

Еколошките прашања почнаа да добиваат на интензитет по крајот на Студената Војна. Прашањата поврзани со загадувањето, конзервацијата и ресурсите, климатските промени, но и начинот на кој што меѓународната заедница се справува со овие проблеми, во смисла на создавање на нови модели на институции, агенции и норми, се најдоа во фокусот на авторите кои пишуваат за меѓународни односи. Фактори кои придонесоа кон интензивирање на интересот за еколошките прашања на меѓународна сцена, како и врз зголемувањето на свеста за потребата за меѓународна соработка во оваа област се: забрзаниот економски развој, зголемениот политички притисок врз државите кои треба да се грижат за благосостојбата на сопствените граѓани и да се справат со прашања како што се загадувањето, заштита на природата, понатаму – растечките меѓународни невладини организации кои стануваа сѐ погласни, како и иновациите кои ги донесе науката.

Вториот аспект кој би сакала да го потенцирам, е зголемената тенденција еколошките прашања да се третираат како безбедносна закана, и од каде произлегува таа тенденција. Напредокот на науката и технологијата нѐ доведоа до сознанието дека човековата активност ја загрозува животната средина со многу брзо темпо. Исто така, ни дадоа до знаење дека заканите со кои се соочуваме не може да бидат решавани на ниво на држави. Еколошките прашања, особено прашањата поврзани со искористување на природните ресурси се глобални прашања во нивната суштина и во потребата за преземање на акција. Иднината на човештвото во голема мера зависи од способноста да се даде еден меѓународен одговор. Прашањата поврзани со заштитата на животната средина стануваат толку значајни, што нашата неможност да реагираме се поврзува со безбедносна закана.

Живееме во ера на зголемена меѓузависност на државите на меѓународна сцена. Во ера на глобализација, зголемен раст на населението, економски и општествен развој, како и зголемена употреба на природните ресурси, климатските промени и процесот на урбанизација се надворешни двигатели на светот денес. Во Антропоцената ера која е обележана со централната улога на човекот и во геологијата и во екологијата, глобалната одржливост е цивилизациски императив. Еколошките прашања сечат преку низа на области, особено преку економијата и безбедноста, двете најзначајни области за државата. Во меѓународните односи сѐ почесто се користат термините – војна за вода, војна за нафта, војна за дијаманти, опасности од климатски промени, дефорестација, бегалци од климатски промени. Животната средина, а особено природните ресурси се директно поврзани со безбедноста на државите во меѓународните односи. Овој вид на закана е артикулиран и во рамки на Советот за безбедност на Организацијата на Обединети Нации, кој уште од 2007 година одржува состаноци посветени на климатските промени, мирот и безбедноста на меѓународна сцена. Во рамките на овие состаноци, еден од заклучоците до кои доаѓаат државите учеснички е дека постојат закани од недостаток на храна и пораст на цените на прехранбените продукти, масивна миграција на населението, како и оптеретување на државните структури поради неможноста да се одговори на заканите кои климатските промени ги предизвикуваат или имаат потенцијал да ги предизвикаат во иднина.

Од друга страна, заштитата на животната средина, или со други зборови – еколошката сигурност, ги опфаќа енергетската сигурност, економската сигурност, непречено снабдување со храна, непречениот пристап до природните богатства – што нѐ води до концептот за индивидуална сигурност (безбедност). Оттука заклучокот дека животната средина е мултидимензионален феномен. Човековата безбедност опфаќа еколошки, економски, здравствени, прехрамбени, политички и индивидуални аспекти, што сугерира дека безбедноста е концепт кој се фокусира на заканите за индивидуата во државата, а не само на заканите за државата и националната безбедност. Еколошката безбедност (сигурност) е нужно поврзана со концептите на социјална сигурност и еднаквост. Насилството кое произлегува од еколошките проблеми вклучува експлоатација, дискриминација, нееднаква социјална и економска положба на различни структури во државата, па со самото тоа доведува до креирање на атмосфера на политичко, културно и религиозно насилство. Затоа, исклучително е важна заштитата на животната средина. Особено е значајна за да не дојде до толкаво уништување на природата и природните ресурси, кои можат да доведат до загрозување на основните човекови права – правото на живот, правото на сопственост, правото на семејство, правото на приватност.

Еколошките закани, во најголем број на случаи, се индиректни и меѓународни, креирани во или надвор од државите, тесно поврзани со економски активности. Затоа, заштитата на животната средина на внатрешен план, бара пристап кој ќе ја редефинира врската помеѓу државата, пазарите и општеството. На меѓународна сцена потребен е пристап како кон било која друга закана за меѓународната безбедност. Пристап кој подразбира ургентност, ефективност и одлучност.

Ви благодарам за вниманието.

Користена литература:

Aleksandre Kiss and Dinah Shelton, ‘Guide to International Environmental law’, Martinus Nijhoff Publishers, Leiden/Boston, 2007.

Elli Louka, ‘International Environmental Law – Fairness, Effectiveness and World Order’, Cambridge University Press, Cambridge, 2006.

Gustavo Sosa-Nunez and Ed Atkins, eds., ‘Environment, Climate Change and International Relations’, E-International Relations Publishing, 2016, достапна на https://www.e-ir.info/2016/05/23/environment-and-international-politics-linking-humanity-and-nature/.

Joana Castro Pereira, Environmental issues and international relations, a new global (dis)order – the role of International Relations in promoting a concerted international system, Revista Brasileira de Política Internacional, Vol. 58, No.1, 2015.

Mizan R. Khan, Climate Change, Adaptation and International Relations Theory, во Gustavo Sosa-Nunez and Ed Atkins, eds., ‘Environment, Climate Change and International Relations’, E-International Relations Publishing, 2016, достапна на https://www.e-ir.info/2016/05/23/environment-and-international-politics-linking-humanity-and-nature/.

Simon Dalby, Environment and International Politics: Linking Humanity and Nature, во Gustavo Sosa-Nunez and Ed Atkins, eds., ‘Environment, Climate Change and International Relations’, E-International Relations Publishing, 2016, достапна на https://www.e-ir.info/2016/05/23/environment-and-international-politics-linking-humanity-and-nature/.

Shawkat Alam, Sumudu Atapattu, Carmen G. Gonzalez, Jona Razzaque, eds, ‘International Environmental Law and the Global South’, Cambridge University Press, Cambridge, 2015.

Ved P. Nanda and George (Rock) Pring, ‘International Law and Policy for the 21st Century’, Martinus Nijhoff Publishers, Leiden/Boston, 2013.

Конференција на ООН за животната средина, Стокхолм, Шведска, 5-16 јуни 1972 година, Стокхолмска Декларација од конференцијата на ООН за животна средина, Принцип 21, UN Doc. A/CONF.48/14/Rev. 1 at 3, UN Doc. A/CONF.48/14 at 2–65 and Corr. 1 (June 16, 1972), достапно на: http://www.unep.org/Documents.Multilingual/Default.asp?documentid=97&articleid=1503.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.