
Неколку годишното заокружување на множеството што сега се именува како бегалска криза е составено од безброј судбини и дотолку неименувани физички завршетоци на патувањата, односно здогледувањето на брегот како почеток на потрагата по дом. И спротивно на тоа, полициска логика на политичкото, имунизација на поредокот и заштита на неговите граници. За потребите на овој текст ќе се вратиме една деценија назад, со цел тангенцијално да се препознаат две точки на ова множество: медитеранската и балканската рута. Имајќи предвид дека интересот за т.н. нелегални кампови во македонските погранични региони се однесува на балканската рута, накратко – истава произлезе како помалку смртоносна опција споредбено со медитеранската рута или течната гробница, која како таква се востанови со децидниот пресврт после 2014 година откако италијанската операција Mare Nostrum (која и покрај хибридноста на нејзината цел, го содржеше и SAR елементот на потрага и спасување) беше заменета со Triton операцијата предводена од Фронтекс и воопшто дискурсот беше завладеан со поимите безбедност, сигурност и неповредливост на европските граници (повеќе кај Виолета Морено Лакс, 2017). Разбирливо, политичките и етичките очекувања од изнедрувањето на балканската рута се згуснуваат во 2015 година и трае околу две години, а потем контаминацијата на политиката со полиција и на правото со насилство резултира со затворање на истава и повторно реактивирање на медитеранската рута и низата случувања кои италијанската државна политика ја потопија во современи реминисценции на фашизмот (2017-2019 година и понатаму).
И покрај миговното, транзитирачко искуство на другиот или странецот кој без да оптеретува зазема простор на т.н. привремен престој; тој престој е средба во која другиот ја подарува сопствената интимна перспектива која се трие со локалната, која осветлува аспекти на нашиот живот и околината во која се одвива, кои парадоксално и истовремено содржат и очај и надеж. „Мигрантот не се појавува само како историски симптом на движечката модерност; туку е истраен и збиен испитувач на вистинскиот идентитет на сегашниот глобален политички субјект … неговата или нејзината потрошност е исто така и наша, исто и моја, бидејќи ги открива координатите на световната состојба во обете драматични итности на секојдневниот живот и арбитрарното насилство содржано во апстрактниот обем на политиката, правото и нивната паланечка преплетеност“ (Ијан Чејмберс, 2015). Привременоста, веројатно, е најпрецизната придавка на балканската рута. Привременоста на балканската рута и нејзиниот карактер на транзитирачка, а не целна ги снеможува сите локални обиди за одговор на бегалската криза преку дискурсот на закана за националниот интерес, опасност од тероризам и повторување на опасносечката низа на дејства кои може само да се претпостават во контекст на омраза. Точката од интерес за балканската рута или македонската не содржи поразлична динамика од онаа целокупната, опишана во стотици страници на извештаи, анализи, стории, вести и која повторно не може да го помести фокусот од насилството кое неуморно бара правна формула за негова неконтролирана употреба, која се излева од рамките на правото и престанува да има конкретни временско-просторни граници, така официјалниот глас го сведува на прогласување вонредна состојба за заштита на границите на државата.
Вонредната состојба или состојбата на исклучок е вистинската одредница за она што во липковскиот регион се случува активно последните четири години, а акутно во текот на 2015 и 2016 година. Имено, повторливата географија на непријателство што го обележува овој регион, инсистира на поширок обем на анализа на некои случувања и последици од истите. Жестоките судири во 2001 година и одвивањето на односите во услови на војна, кога односот кон другиот се пропушта до последното рамниште на непријателство или физичкото ништење на непријателот се изведува како единствена политичка можност; и следствено во услови во кои никогаш не беше допуштена поинаква политичка можност на помирување и транзициска правда, во липковскиот регион генерираа последици. Нивните остатоци денес може да се воочат како правно гето, место во кое циркулира непредвидлива слобода да се стори неправда, повреда и злосторство, и каде што механизмите на правото се растураат надолу кон неговата првобитна состојба на суверено насилство. Последново не треба да збунува, дотолку што близината до камен 106 и граничењето со друга држава, нужно не упатува само на еден извор на суверенитетот – државната власт и нејзините граници, напротив, дефиницијата дека суверен е тој што одлучува за состојбата на исклучок мора да се прифати како дисперзирана можност за секој кој низ насилство одлучува за животот и смртта и по таа линија воспоставува поредок. Така, стиховите на античкиот поет Пиндар „nomos суверен на сите/ на смртните и на бесмртните/ поведува со најсилна рака/ оправдувајќи го најнасилниот“ упатуваат на тоа дека капацитетот за суверено одлучување кое дефинира простор во кој исклучокот ја санкционира нормата, правото се применува од-применувајќи се, законот важи без да означува и правната сигурност се раздружува од правдата не е фиксиран, туку е мобилен, и се населува во различни субјекти, од униформирани лица до цивили. Но несомнено најголемиот шок доаѓа од ситуациите кога најсилната рака е дел од телото на разоружан човек, цивил кој од својот дом одлучува да направи привремен логор за бегалци и мигранти кои преку балканската рута се обидуваат да стигнат до новото тло и под новото небо меѓу кои повторно ќе започне нивниот живот. Враќањето на претходните тези кон локалната средина нè потсетуваат дека во липковскиот регион и покрај тоа што се на сила низа закони кои обезбедуваат национална и меѓународна заштита на бегалци и мигранти кои транзитираат, и покрај тоа што постојат институции воспоставени со право, сепак врската помеѓу правилото и исклучокот е заснована во суспензија, на начин на кој нормата се повлекува од своето битие, кое сега е закрепостено од зборот и гестот на најсилната рака. Но парадоксот на правото, во овој случај е што животите на исклучените не се позиционирани надвор од законот, ниту пак имаат автентична волја да бидат рамнодушни кон него, туку тие се напуштени од него, а со тоа и изложени на насилство. Тоа значи дека државата и нејзиниот правен систем секогаш имаат непомилувана улога во воспоставувањето на состојбата на исклучок, ја содржат како активна во своите механизми и ја толерираат во нејзините споредни форми, сè додека дисперзираните можности и зони на повреда одново апелираат и на можноста за државно насилство. Случајот со полицајката Мери, на пример, како локален превод на претходното и нејзините несанкционирани, можеби и институционално помогнати, и во извештаи на НВО беспомошно забележани акции во кои голем број на бегалци и мигранти исчезнуваа од Транзитниот центар во Табановце (2016-2017), имено, ја покажува таа скриена солидарност на правото со насилството, на редовниот поредок со состојбата на исклучок. Конечно, воспоставувањето на состојбата на исклучок во липковскиот регион и губењето на гласот на/за бројни животи, подигањето и одржувањето на нелегални кампови немаше да биде можно без компактното допуштање од страна на државата и официјалните агенси на правото.
За што станува збор кога се зборува за нелегалните кампови во липковскиот регион (пр. селата Ваксинце и Лојане)? Неодамнешната сторија на новинарот Александар Димитриевски (360 степени, 5 ноември) повторно потсети на оваа појава која веќе долго, збунувачки и парцијално останува несанкционирана. Се работи за случајот во кој при полициски претрес (26.10) беа пронајдени 81 лице во куќа во Ваксинце во сопственост на македонски државјанин Н.А. кој сè уште е на слобода. Но случајот на Н.А. не е изолиран, ниту пак овој полициски претрес одразува систематска работа на институциите во врска со криминалните мрежи на зарабоување и криумчарење на бегалци и мигранти на македонска територија. Пренамената на семејните куќи во нелегални кампови, неугодните интервенции во природата и сите вдлабнатини во шумите околу камен 106 кои асоцираат на привремени засолништа сведочат за неколкугодишна пракса на сторување повреди кои веќе именуваните куќи и шуми ги пресоздаваат во логор: „нормалниот поредок е фактички суспендиран, и во кој дали ќе се извршуваат ѕверства или не, не зависи од правото“ (Џорџо Агамбен, 2014). Така трговија со луѓе, физички и психолошки мачења, ограбување, сексуално насилство (види повеќе во публикации на МЗМП, 2017, 2018, 2019) се дејства кои ја исполнуваат врската помеѓу нормата и исклучокот, но кои пострашно – упатуваат на огромно биолошко и општествено искусување на логорот. „Бидејќи на оној што изгубил сè, лесно може да му се случи да се изгуби себеси, дотаму што ќе може со лесно срце да се одлучува за неговиот живот или смрт надвор од секоја смисла за човечки афинитет; во посреќен случај врз основа на чист утилитарен суд“ (Примо Леви, 2012). Утилитарниот суд од овој опис упатува секако на лица како што е Н.А. и на резонот кој местото на страдање на другиот го препознава како место на неопходност за сторување повреда и истовремено профит, а како што е познато necessitas legem non habet или неопходноста не знае за право или пострашно создава свое право. Утилитарниот суд оттука се преведува и како суверена одлука за активирање на системот на логор кој според Џорџо Агамбен претставува „простор кој се отвора кога состојбата на исклучок станува правило“. Тие места во липковскиот регион може да се замислат како ужасно тесни простори во кои се начичкани потрошни животи, соголени од било каков политички статус, и кои се изложени на моќ без никакво посредништво. Во таа смисла моќта на криумчарите и сопствениците на логори во Ваксинце и Лојане упатуваат на еден поширок систем кој не може да одолее на тоа да се претвори во смртоносна машина. Дополнително, на еден очудувачки начин, на македонската територија близу каменот 106 се впрегнуваат т.н. колонијални општествени односи на запоседнатост и насилство, кога бездната во која пропаѓа престолничкото право подразбира дека општественото исклучување е радикално и „исклучените групи не може вистински да се повикаат на нивните права, бидејќи некогаш самите тие не се доволно луѓе“ (Боавентура де Соса Сантос, 2017). Но истовремено, и со повремениот волунтаризам на полициските претреси, се открива една непријатна вистина: отсуството на лешеви околу каменот 106 упатува на тоа дека смртоносната машина работи на повеќе брзини, значи на рамништа кон кои се напредува во напорот животот да се повредува и снижува до форми на постоење кои се безмалку непрепознаени како живи и вредни, кои прават тешка задача од разлачувањето на животот од смртта. Животите на бројни мажи, жени и деца кои го поминале македонскиот дел од пеколот околу каменот 106, нивните искуства и како продолжиле со потрагата по нов дом се снопови светлина кои ја осветлуваат повредливоста на нашата заедница но истовремено и парадоксално и нејзиниот капацитет да повредува. Нивните сведоштва се траги кои носат до смртоносната машина и потребата од нејзино деактивирање. Нивниот очај е апел против разместените односи на моќ кога дури е возможно својата куќа да ја изградиш одново, сега како логор; нивната надеж е влог во вредноста на животот како моќ сам по себе, кој ита кон сингуларно постоење на свет кој сака за себе да биде спокоен или Борхесовски: „векови и векови минуваат и само во сегашноста се случуваат настаните; безброј луѓе во воздухот, на земјата и во морето, а сè што навистина се случува, ми се случува мене.“
PS. Во текот на 2015-2017 година, пристапот до липковските села беше или забранет или отежнат. Единствено, УНХЦР-Скопје и Црвениот крст имаа пристап и екипи кои патролираа, и имаа увид во случувањата на терен. Последните две години, а посебно во текот на тековната 2019 година проблемот со криумчари допрва го третираат и медиумите и односните институции; сепак, ѕверствата околу каменот 106 во нивниот ек или во текот на 2015-2017 година беа веќе познати и само влегоа во затоворените извештаи на невладините организации, но таму беа трајно обезгласени низа сторени повреди и бројни животи кои слизнаа во траума од балканската рута. Шокантно е сведувањето на ѕверствата околу каменот 106 на затворени документи; истиве не ја алармираа јавноста за праксата на тортура, заробување и различни форми на насилство и нечовечки третман; ниту пак резултираа со соодветен притисок кон односните институции.
— Вики Младенова, (10.11.19)