Меѓународното право и употребата на сила – една попрецизна слика

Автор: Љупчо Стојковски [Авторот е докторант по меѓународно право на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје]

Неодамнешните напади на САД, Велика Британија и Франција на воени цели во Сирија заради употребата на хемиско оружје врз цивилно население од страна на режимот на Башар ал-Асад, отворија сериозни дебати помеѓу експертската и пошироката јавност во врска со нивната легалност. За поголемото мнозинство на експерти, овие напади претставуваа јасна повреда на меѓународното право за употреба на сила. Само мал дел на автори сметаа дека овие напади се правно дозволени. Но, во позадината на оваа дебата – посебно ако лесно се сложиме со едноставниот одговор дека нападите го прекршија меѓународното право – се наметнува и едно друго, потеоретско и доста битно прашање, а тоа е – каква е улогата на меѓународното право кога станува збор за употребата на сила? Дали меѓународното право има некаква (суштинска) улога или тоа (целосно) зависи од односите на моќ и интересите на големите сили? Одговорот на ова прашање е битен затоа што од него зависи нашата перцепција за и нашето очекување од меѓународното право, кое потоа ги детерминира нашите одговори на конкретните проблематични ситуации, како оваа со нападите во Сирија. Затоа во овој текст ќе се фокусирам пред сè на ова, „позадинско”, прашање.

Меѓународното право и меѓународниот поредок

Најпрвин, за да може да се разбере како функционира меѓународното право, ќе дадам мал контекст. Меѓународната заедница е хоризонтално поставена – во неа нема централен законодовец, нема извршна власт и нема (задолжителен) светски суд. Примарни субјекти (на правото) се државите, па потоа следат меѓународните владини организации, а денес сè поголема улога во правно-политичкиот сообраќај имаат и индивидуите. Но, државите се главните актери на меѓународната сцена. Тие (главно) го создаваат правото, и од нив (најмногу) зависи колку ќе се почитува и спроведува правото. Оттука сосема е јасно дека овде правото и политиката се доста поврзани. Ова е секако случај и кај секој друг правен систем, но структурата на меѓународната заедница ја прави оваа поврзаност уште посилна кај меѓународното право.

Втор битен аспект кој го дава контекстот, а кој треба да се напомене при анализата на улогата на меѓународното право, е големината и различноста на меѓународното право. Меѓународното право е составено од голем број на гранки како на пример, меѓународно трговско право, меѓународно еколошко право, меѓународно право за бегалци, меѓународно право за авионски сообраќај, меѓународно казнено право, меѓународно право за употреба на сила, итн. Сите овие области – иако формално ги имаат истите меѓународно-правни субјекти и истите начини на создавање и спроведување на правото – на некој начин различно функционираат. Различно, во смисла дека (ненамерно) развиваат своја  партикуларна, интерптерација на основните институти на меѓународното право.[i] Различно фунцкионираат исто така и во смисла дека некои се „потехнички”, и се применуваат без некои поголеми проблеми (меѓународно право за авионски сообраќај, на пример). Други области се далеку повеќе „политички” од некои други (на пример употреба на сила). Сето ова е битно да се земе предвид кога се даваат такви епско-разочарани изјави од типот – „не постои меѓународно право” – или „меѓународното право е бескорисно” кои се искажуваат кога се анализира една конкретна ситуација. Меѓународното право е преголемо (и преразлично) за да се даваат такви генерални изјави за целото право. Треба да се земат предвид констелацијата на меѓународните односи и областа која е предмет на дискусија, за да може да се даде (по)прецизна оценка.

activity-board-game-connection-613508.jpg

Меѓународното право и употребата на сила

Но, дали меѓународното право потфрла односно е нерелеватно кога е во прашање употребата на сила? Или можеби, за да се одговори на ова прашање, потребно е претходно да се постави друго прашање – како функционира меѓународното право кога е во прашање употребата на сила?

За да одговорам на овие прашања, треба прво да го видиме меѓународно-правниот режим за употреба на сила. Кога е дозволено да се употреби сила во меѓународните односи? Со создавањето на Обединетите Нации во 1945 година, за прв пат се забрани употребата на сила како средство за решавање на односите помеѓу меѓународните субјекти. Од оваа забрана, според Повелбата на ОН, дозволени се само два исклучоци. Прво, државите може да употребат сила во самоодбрана, согласно член 51 од Повелбата, и второ, Советот за безбедност на ОН – како тело примарно задолжено за оддржување на меѓународниот мир и безбедност – може, доколку постои закана по мирот, повреда на мирот или акт на агресија, да овласти употреба на сила согласно Глава VII од Повелбата. Оттогаш па да до денес, низ практиката на државите (иако како таков не постои во самата  Повелба на ОН) настана и уште еден, трет, дозволен исклучок за употребата на сила (кој е потврден и од Меѓународниот суд на Правдата во пресудата Никарагва против САД, од 1986 година), а тоа е употреба на сила во една држава по покана од и на страна на владата на државата домаќин.

Овие три исклучоци од забраната за употреба на сила се општоприфатени. Меѓутоа, дури и овие прифатени случаи се далеку од јасни. На пример, сила во самоодбрана е дозволена откако државата претходно ќе претрпи вооружен напад. Но, во услови на развој на современата технологија која може да биде и тоа како деструктивна за многу краток временски период, дали е дозволена употреба на сила пред да се случи самиот напад, односно дали се дозволени антиципаторна или превентивна самоодбрана? Мислењата на државите и на експертите се поделени по ова прашање.

Слични нејаснотии се јавуваат и со вториот исклучок од употребата на сила. Иако Советот за безбедност треба, тој – затоа што е пред сè политички орган – често и не овластува употреба на сила иако е неспорно дека постои повреда на мирот или акт на агресија. Дали тоа значи дека никој друг не треба да употреби сила во име на оддржување на меѓународниот мир? Ако треба, кој, кога и како? Од друга страна, дури и Советот да овласти употреба на сила, многу често (и тоа намерно, затоа што е продукт на политички компромис), мандатот за употреба на сила има повеќесмислен јазик кој може различно да се интерпретира. Која интерпретација тогаш е вистинската?

И третиот исклучок е исто така спорен. Сила како помош на владата во една држава е дозволена, но дали на било која и било каква влада? Критериумот кој се бара од меѓународното право е таа влада да има ефективна контрола на територијата, но што е ефективна контрола различно се интерпрерира. Исто така, дали би требало да се помага недемократска/авторитарна влада која е дел од граѓанска војна без разлика дали таа има ефективна контрола или не?

Во секој случај, и покрај овие и многу други нејаснотии и проблеми, постои консензус во меѓународната заедница дека само во овие три ситуации е дозволено употреба на сила. Сите останати (можни) случаи на употреба на сила се формално исклучени. Е сега, каде да ги сместиме нападите во Сирија? Личи дека тие не може да се сместат во ниту еден од овие три искучоци – не беа во самоодбрана, немаше овластување за употреба на сила од Советот за безбедност и дефинитивно немаше покана од владата на ал-Асад. Од овие причини, за многу автори ситуацијата е веднаш јасна – нападите претставуваат повреда на меѓународното право.

Како дополнителен аргумент кој овие автори го нудат како доказ зошто нападите се нелегални, се јавните оправдувања за употребата на сила. Па така, освен Велика Британија за која ова е случај на хуманитарна интервенција (која според неа е дозволена согласно меѓународно обичајно право), другите држави воопшто не се повикаа на правото ниту пак дадоа експлицитно правно објаснување за самите напади. Експлицитно, во смисла да ги сврстат нападите во некој од постоечките или да покренат некој нов исклучок за употребата на сила (како што овие автори го карактеризираат британското повикување на хуманитарна интервенција). Според овие правни експерти, ова е уште една силна индикација дека правото е прекршено.

Но, дали на меѓународното право – особено кај употребата на сила – треба да се гледа на таков едноставен, едностран начин, според кој правото претставува само збир на прости заповеди за однесување? Што правиме со ситуации кои се во рамки на трите исклучоци, но се (по)комплицирани како на пример погоре прикажаните? Или пак со ситуациите кои не се опфатени со прифатените (прости) заповеди? Што правиме, на пример, кога во некоја држава се извршува геноцид како од типот на Руанда во 1994 година? Или пак има масовни извршување на воени злосторства или злосторства против човештвото? Дали, понекогаш и во оваа ситуации не би требало да се употреби сила доколку не е можно да се реагира и да се спречи злосторството на дипломатски, мирен начин? Што правиме со мали, нелегални употреби на сила кои немаат интензитет да се квалификуваат како вооружен напад за да може легално да се употреби сила во самоодбрана – како на пример, повремени прекршувања на суверениот простор на една држава со беспилотни летала/пловила од кои (може да) се лансира оган врз таа територија? Доколку одговараме строго формално и дословно, во овие случаи не би смеело ниту би требало да се употреби сила освен доколку Советот за безбедност на ОН не овласти таква употреба. Но, што доколку – како што е тоа премногу често случај! – истиот нема капацитет (и средства), е блокиран поради употребата на вето на една од постојаните пет членки, или едноставно нема волја да преземе нешто? Дали правото треба да остане глуво на овие политички реалности и морални обѕири?

army-men-military-40820

„Неправни” фактори при оценување на правото

Според мене, на меѓународното право, посебно кај употребата на сила, треба да се гледа пошироко, и при неговата оценка треба да се земаат предвид и други, „неправни” фактори. Хакими е во право кога вели дека анализа на мнозинството автори за нападите во Сирија според која тие се сметаат за нелегални сама по себе не е нужно грешна, но истата е нецелосна и го прави правото – перцепирано како едноставен збир на правила кои во овој случај биле игнорирани – нерелеватно!

Анализата не е целосна затоа што го третира правото како одвоено од политиката (и моралот) и затоа што го анализира апстрактно, без да ги земе предвид реакциите по повод нападите на оние кои го применуваат (а во случајот на меѓународното право и создаваат) правото – државите! Проблемот со овој позитивистички, односно како што го опишува Хакими „академски пристап кон меѓународното право”, е што не дава комплетна слика за тоа како функционира меѓународното право бидејќи истиот е исклучен од „социјалното практикување на правото.” Ова социјално практикување на правото е особено значајно кај ткн. „инциденти” – односно ситуации кои се појавуваат од време на време и не се опфатени со општоприфатените исклучоци за употреба на сила. Тука, како што истакнува Sенг, не е само битно дали со некое однесување се повредени примарните и секундарните извори на меѓународното право, туку дали таквото однесување „се смета за дозволено” од клучните актери на меѓународната заедница. Ваквиот пристап, според овие автори го прикажува меѓународното право кај употребата на сила како пошироко од чисто наведување на нормите/забраните кои го сочинуваат истото, ја зема предвид динамиката на моќ при практикувањето на правото па затоа е и пореалистично, и (заради овие два фактори) покажува како меѓународното право е релевантно и кај употребата на сила.

Реакциите на меѓународната заедница

А какви беа реакциите на меѓународната заедница за нападите во Сирија? Најголем број од државите кои се изјаснија за нападите јасно ги поддржаа или не ги осудија овие напади. Русија предложи нацрт резолуција во Советот за безбедност во која се осудуваат нападите, но резолуцијата не беше усвоена и доби само три гласа за (Русија, Кина и Боливија). Од оние кои ги осудија нападите, освен овие три држави, беа и Иран, Казакстан, Венецуела, Јужна Африка.

Како да се разберат овие реакции на мнозинството државите? Дали тие значат дека државите сметале дека нападите (спротивно на мислењето на мнозинството правни експерти) биле дозволени согласно меѓународното право? Или пак можеби сметале дека не се легални, но дека такво отстапување, по исклучок како во овој случај, е легитимно, оправдано (заради сериозноста на повредата со употребата на хемиско оружје сторена од ал-Асад)? Или пак тие едноставно лажеле, а се прекривале со правото?

Факт е дека ние со сигурност не можеме да знаеме што вистински мислат државите, дури и кога даваат некакво правно образложение. Но, Хакими истакнува дека токму заради ова, не е ни битно кој точно е нивниот став за правото. Битно е дека нивното однесување и оправдување било калибрирано низ призма на правото. Државите не го прикриле своето однесување, туку истото јавно го бранеле и тоа пред институцијата правно надлежна за оддржување на меѓународен мир и безбедност. Тие се однесувале според „нивното подобро разбирање за правниот поредок”, односно тие се однесувале „како да делуваат во согласност со правото”. Ова, според Хакими ја изразува „неформалната регулаторна функција” на меѓународното право кај употребата на сила.

Инаку низ историјата имало и други вакви „инциденти” кои добивале слични, генерално позитивни реакции, иако чисто формално гледано, правото било прекршено. Такви биле на пример случаите на израелското грабнување на Адолф Ајхман од територијата на Аргентина во 1960 година без знаење и без согласност на аргентинската влада, или пак убивањето на Бин Ладен во 2011 година, исто така без знаење и без согласност овој пат на пакистанската влада. Секако, имало и ситуации на генерално негативни реакции по вакви инциденти. Примери за тоа се реакциите по повод Британско-Француско-Израелскиот напад над Египет во 1956 година (Суецката криза), или пак на САД и нивните напади над Ирак во 2003 година.

Но, токму низ различните реакции на државите кон различни „инциденти” – позитивни кон Сирија и хемиското оружје, Ајхаман и Бин Ладен, а негативни кон Суецката криза и Ирак 2003 – гледаме дека иако во сите случаи, формално, меѓународното право било прекршено, само формалниот одговор не е доволен да покаже како фунционира правото кога е во прашање употребата на сила. Различните реакции даваат различна и неопходна перспектива на одговорот на тоа прашање.

Заклучни согледувања

Поентата на прикажување на меѓународно право на овој начин не е (нужно) за да се прошири исклучокот од забраната за употреба на сила и таа сега да опфаќа и нови ситуации, согласно (моменталните) реакции(те) на државите. Реакциите на пошироката меѓународна заедница можат и да осудат некое однесување и уште еднаш да потврдат, а не да прошират, некоја веќе добро воспоставена норма, како што впрочем тоа беше случај со употребата на сила од САД над Ирак во 2003 година.

 Идејата е да се земат предвид реакциите на меѓународната заедница (пред сè на државите, но и другите актери) и да се гледа на меѓународното право како на динамичен феномен, кое ги зема предвид односите на моќ во меѓународната заедница како и моралните аспекти на едно прашање, и кое се адаптира на модерните потреби и закани и на конкретниот случај. Оттука, целта е на меѓународното право да не се гледа, како на црн-бел, крут и строго формалистички систем, кој единствено што прави е диктира прости заповеди.

Ниту пак поентата на ваквото прикажување на меѓународно право во сферата на употребата на сила ми е за да му дадам некаква си „сламка за спас” на правото, во смисла дека, „еве, не е сè така црно, сепак правото (некако) функционира и во оваа област”. Не! Ниту пак ми е целта да го спуштам стандардот по кој треба да се оценува меѓународното право, за да може да се рече, „ете, сепак од оваа перспектива, функционира (и постои) меѓународно право за употреба на сила”. Идејата ми е да го ситуирам правото (од оваа област) во контекст на меѓународната политика и моралните норми,  согласно начинот на практикување и дискурсот на правните субјекти.

Како што вели Марти Коскениеми, судбина на меѓународното право – а јас би нагласил особено кај употребата на сила – е констатно да се движи на оската помеѓу апологија и утопија. Од една страна се оние кои правото го гледаат како инструмент на моќ во рацете на политиката, кое ги штити интересите на најмоќните (апологија), а од друга страна се оние за кои правото е длабоко засново на некоја морална, „природно правна” сила, која е независна од (и над) политиката (утопија). Притоа и двете страни тврдат дека стигнале до „објективното”, аполитичко или аморално, „чисто правно” решение.

Меѓутоа, таква „обејктивност” или „аполитичност” и „аморалност” не постојат и не треба да се преправеме дека постојат кога е во прашање правото, а особено меѓународното право и употребата на сила. „Вообичаениот одговор – дека правото мора да биде разделено и да не е под влијание на политиката – не функционира кога е во прашање jus ad bellum. Во оваа сфера, правото и политиката секогаш биле, се, и во догледа иднина ќе бидат меѓусебно врзани. Да се преправаме дека тие се одвоени, дури и кога не се, и да ги игнорираме многуте начини низ кои правото [сепак] доаѓа до израз, според мене, не помага и не го заштитува правото од политиката. Тоа само помага да се потисне правото во заборав.”

Затоа, при анализата на еден правно прашање мора да се земат предвид и политички и морални фактори, и аспектите на сите релевантни актери кои учествуваат во една дискусија и го креираат релевантиот дискурс за тоа прашање. Како што посочува Џонстон, „во дискурзивниот процес, правилата на меѓународниот живот се интерпретираат, се преинтерпретираат и повремено одново се создаваат. Наодите за тоа дали нешто е (не)легално, не произлегуваат објективно, туку интер-субјективно, низ еден процес на туркање и влечење [нагодување] во меѓународната политика кој е врамен од прифатените сфаќања на толкувачките техники и конвенциите на правниот дискурс.” Целта на овој пристап кон правото е тоа да се гледа како еден поширок, посеопфатен  феномен и истото критички да се (пре)испитува и анализира, земајќи предвид и морални, политички, филозофски и социолошки аспекти на едно прашање, а не само чисто „правни” аспекти, сфатени во формално-позитивистичка смисла. На овој начин, меѓународното право ќе остане релеватно и кај употребата на сила.

————————————————-

[i] Ова пак доведе до ткн. проблем на фрагментација на меѓународното право. Повеќе за фрагментацијата на меѓународното прави види тука.

One comment

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.