Автори: Претседателството на Член 1
Повод: На 1-ви февруари на дневен ред на Комисијата за надворешни работи беа тезите за завршен разговор пред стапување на должноста за десет амбасадори. Седницата беше затворена за јавноста со образложение дека станувало збор за класифицирани информации. [извор на веста]
Кратко мислење на темата:
Во моментов Законот за надворешни работи дозволува до 2/3 од амбасадорите на Македонија да бидат избрани од кругот на таканаречените политички назначени дипломати, а само мал дел е оставен на професионалната дипломатија. Според моменталното законско решение најмалку 1/3 од амбасадорите се именуваат од редот на дипломатско конзуларните службеници со високи дипломатски звања во министерството (професионални дипломати), а останатите се тн. политички назначени дипломати (дефинирани во член 35-а од Законот за надворешни работи).
Имајќи во предвид дека во моментов Законот дозволува мнозинство од дипломатите да бидат политички назначени (што значи дека истите не го поминуваат процесот на професионализација во рамки на Министерството за надворешни работи), особено е важно нивните биографии и програми за работа да бидат предмет на јавна дебата.
Меѓутоа, нашата организација верува дека вистинското решение е промена на законската рамка со што ќе се професионализира дипломатската мрежа, односно ќе се промени соодносот помеѓу професионално и политички назначени амбасадори, во корист на првите.
Поголема професионализација на дипломатијата значи подобро претставување на државата во меѓународните институции каде цели да стане член и во односите со други држави. Преку градење на систем за регрутација на основа на заслуги, ќе се стимулира професионалноста во кариерата, а мотивот за успех на дипломатите ќе биде поголем.