Автор: професор Елена Михајлова – Стратилати

Текстот е транскрипт од говорот на професорката Михајлова-Стратилати на трибината „Механизмите за остварување на правото на здрава животна средина“, организирана од Член 1 на 23-ти Април 2019 во просториите на Правниот факултет во соработка со проф. д-р Елена Михајлова-Стратилати, вонреден професор по Меѓународно јавно право и проф. д-р Јулија Брсакоска Базеркоска, вонреден професор по Меѓународни односи од Правниот факултет во Скопје
Добар ден на сите, почитувани колеги и присутни, мене ми е посебно задоволство што учествувам на оваа Трибина посветена на нашата животна средина. Нивото на контаминираност на нашиот витален простор ни оддалеку не го предизвикува нивото на вознемиреност кое е очекувано и ангажираност на државата која би била соодветна на него. Еколошките аспекти тука допрва се борат за својот морален авторитет – да бидат прифатени како премиси кои не одат против здравиот разум, туку обратното, кои посочуваат колку е спротивно на здравиот разум да го уништуваме нашиот сопствен систем за поддршка на животот.
Повторно, дури и кога ќе се извојува моралниот авторитет, во државните политики сето тоа се распаѓа како меур од сапуница соочено со реториката на „реалните развојни потреби“. Приоритетот е олеснувањето на сиромаштијата низ економскиот развој, и тоа е дилема со која особено се соочуваат земјите во развој каде преживувањето на краток рок ја загрозува долгорочната одржливост. Како и да е, нивото на контаминацијата, загадувањето или уништувањето на нашата животна средина е такво, што ние не ја жртвуваме само долгорочната одржливост, туку наметнуваме директен ризик по здравјето, домот, храната и добро-состојбата и навистина по самиот човечки живот тука.
Па прашањето е како можеме ова да го промениме? Кои се начините на кои државата може да се принуди да преземе ефективни мерки?
Мојот фокус тука се постоечките механизми на меѓународното право, поточно практиката на Европскиот суд за човекови права како најбогата, таму има и највеќе пресуди за човековите права и животната средина.
Ваквиот фокус на анализа е есенцијално антропоцентрицен, бидејќи се фокусира на штетното влијание врз луѓето, отколку на самата околина. И тоа е, точно, еден ограничен пристап кој е отворен за фундаменталниот приговор дека ги редуцира еколошките вредности на многу ограничената сфера на индивидуален интерес. И еколошкото право секогаш го поставува прашањето дали јазикот на човековите права е соодветниот медиум за изразување на нормите и вредностите на животната средина, кое сега ќе го оставиме на страна.
Значи појдовната премиса тука е дека бројни човекови права се фактички загрозени од деградацијата на животната средина. Здрава животна средина е неопходна за целосно уживање на човековите права, и обратно, користењето на правата (вклучувајќи го правото на информации, партиципација и правен лек) е критично за заштитата на животната средина.
Европскиот суд за човекови права во текот на последните неколку децении успеа да развие елаборирано и обемно тело на судска практика кое во се, освен во името обезбедува право на здрава животна средина. Тој го конструираше ова тело на јуриспруденција примарно на основа на правата на живот и на почитување на приватниот и семејниот живот. Јурисдпруденцијата има широк опсег, протегајќи се од заштита од бучава, преку различни облици на индустриско загадување, нуклеарни активности, управување со отпад, се до природни непогоди и поплави, и го адресира и ризикот од повреда, а не само примената на Конвенцијата за веќе материјализирани штети.
Рекапитулацијата на одлуките на Судот во оваа област поставува некакви генерални принципи.
Како прво Конвенцијата не е дизајнирана да обезбеди генерална заштита на животната средина како таква и изречно не гарантира право на солидна, здрава животна околина. Како и да е, различни права од Конвенцијата индиректно имаат влијание на барањата поврзани со животната средина, најзабележливо правото на живот, правото на почитување на приватниот и семејниот живот, правото на мирно уживање на сопственоста и имотот, и правото на правична судска постапка.
И импликациите на Конвенцијата во заштитата на животната средина може да се сумираат на следново:
*Државата има обврска да ги регулира и контролира проблемите на животната средина каде што тие го нарушуваат спроведувањето на човековите правата од Конвенцијата и да гарантира дека правото се спроведува;
** Државата исто така има обврска да ги направи достапни информациите кои се однесуваат на сериозни ризици по животната средина и да обезбеди правни процедури за учество во носењето на одлуки поврзани со животната средина и пристап до правда во случаи врзани со животната средина;
*** Заштитата на животната средина е легитимна цел која во соодветни случаи може да оправда ограничување на определени права, вклучувајќи го правото на приватен живот и правото на сопственост.
Накратко ќе се осврнам на секоја од овие поенти:
1. Регулирање и контрола на проблемите во животната средина и спроведување на правото
Почетната точка за било која дискусија за човековите права и животната средина е дека неуспехот на државата да ги регулира или контролира еколошките проблеми или да ја заштити околината може да значи мешање во нашите индивидуални права. Случаите како Гвера; Лопез-Остра, Онерјилидз; Ташкин; Фадејева и Дубетска покажуваат како правото на приватен живот или правото на живот можат да бидат употребени за да се принудат властите да ги регулираат ризиците по животната средина, да ги спроведуваат законите за животна средина или да објават информации. Сите овие случаи имаат заеднички карактеристики. Прво, постои индустриски проблем – на пример, хемиска фабрика, топилница, кожара, рудник, фабрика за преработка на јаглен или депонија. Второ, постои неуспех да се преземат соодветни превентивни мерки да се контролираат овие познати извори на сериозен ризик по животот, здравјето, приватниот живот или сопственоста.
Европската Конвенција можеби директно не бара државите да ја штитат околината, но одлуките на Судот бараат тие да го заштитат секое едно лице чии права се, или може сериозно да бидат засегнати од еколошките проблеми. И ваквата одговорност на државата произлегува како од самите нејзини дејствија, така и од неуспехот да се регулира приватната индустрија“. (во случаите кои ги споменав во некои се работи топлница, фабрика и рудник управувани од државата, потоа депонија управувана од општинските власти, додека во другите случаи постројките -кожарста, хемиската фабрика и припаѓаат на приватна компанија).
Кои се во основа обврските на државата во овој контекст?
Државата има обврска „да преземе разумни и соодветни мерки“ да ги обезбеди правата од Конвенцијата. Оваа „позитивната обврска да се преземат сите соодветни мерки да се заштити животот (како што истакна Судот во Онерјилдиз против Турција) пред се подразбира примарна должност на државата да постави законодавна и административна рамка дизајнирана да обезбеди ефективно одвраќање од закани по правото на живот вклучувајќи регулативи кои ги земаат во предвид специфичните карактерстики на ситуацијата или на активноста и нивото на потенцијалниот ризик по животот. И оваа обрска го покрива издавањето на дозволи или лиценци (на пример за отварање на рудник, фабрика или други постројки), понатаму: воспоставувањето, функционирањето, безбедноста и надгледувањето на опасните активности, и бара сите засегнати да преземат „практични мерки за да обезбедат ефективна заштита на граѓаните чии животи можат да бидат загрозени од инхерентните ризици. Тоа не е одговорност која може да се остави само на индустријата да ја исполни. И, дополнително, во однос на индустриското загадување, во Дубетска против Украина, Судот потенцираше дека државата има обврски да се грижи за еколошкото управување со рудникот, фабриката или слична постројка „без оглед дали таа е се уште во употреба. Ова е важно за нас затоа што ние имаме проблеми со опасните отпадни материјали и депонии од веќе затворени фабрики (згурите од тополницата во Велес, депонијата кај Југохром итн). Практичните мерки на државата подрабираат и, секако, спроведување на правото. На пример, карактеристична црта на Гвера, Лопез Остра, Ташкин и Фадејева е дека конкретните индустрии кои загадуваа работеа нелегално или со кршење на законите за животната средина и стандардите за испуштање на отровни гасови (емисионите стандарди). Во Лопез Остра и Ташкин националните судови наредиле затворање на конкретните објекти, но нивните одлуки биле игнорирани или отфрлени од политичките власти. Државите неможат да очекуваат дека ќе го убедат Судот дека потребите на заедницата најдобро ќе бидат пресретнати со неприменување на правото. Исто така ако националниот суд ги извагал правата кои се вклучени и ја поништил дозволата за штетната активност на основа на тоа дека не му служи на јавниот интерес, Европскиот суд нема да ја промени оваа пресуда во полза на националната влада. И конечно, корисници на оваа должност да се регулираат и контролираат изворите на штета по животната средина не е заедницата во целина, уште помалку околината самата за себе, туку само оние индивидуи чии права ќе бидат засегнати од било кој неуспех да се дејствува.
2. Втората импликација на Европската конвенција во заштитата на животната средина е пристапот до и обезбедувањето на информации за животната средина
Според Европскиот суд за човекови права информациите за ризикот по животната средина мора да им бидат достапни на оние кои е веројатно да бидат засегнати. Во случајот Онерјлдиз против Турција, Судот постави „посебен акцент“ на правото на јавноста на информации за опасните активности кои претставуваат закана по животот. Во Будајева и други против Русија и Мулиро Салдиас Судот исто така утврди постоење на таква позитивна обврска во случај на природни катастрофи и поплави. Дополнително, онаму каде што владите се ангажираат во опасни активности со непознати последици по здравјето (како нуклераните тестови), постои обврска да се вопостави „ефективна и достапна“ процедура која им дозволува на инволвираните да ги добијат релевантните информации. Случајот Гвера покажува дека неуспехот да се обезбеди пристап до информации може исто така да го прекрши правото на приватен живот.
Во сите овие ситуации суштинската поента е да им се овозможи на поединците да ја проценат опасноста или ризиците на кои се изложени. Оваа обврска не е ограничена на информациите за ризиците кои веќе се материјализирале, туку се однесува и на ризиците од настанување на идна штета, и тоа не само на активностите на државите, туку и на субјектите кои преземаат ризични активности (на пример фабриките, депониите или рудниците во сопственост на приватните компании).
Интересно, во соодветни случаи правото на информации за животната средина може да вклучи должност да се биде информиран; не само право на пристап до информација. Во случајот Гвера, неуспехот на Италија да обезбеди „есенцијална информација“ за сериозноста и природата на токсичните емисии од хемиската фабрика беше утврдено дека сочинува повреда на правото на приватен живот. Пресудата истакна дека апликантите беа „особено изложени на опасност“ во случај на инцидент/несреќа во фабриката, и исто така имаше повреда на италијанското законодавство кое бара информациите кои се однесуваат на хазардни активности да бидат направени јавни. Овој случај претпоставува дека државата мора активно да ги информира оние кои се засегнати, не само дека мора да има процедура за добивање на информации доколку се побараат. Оваа построга формулација прави смисла каде што ситуацијата вклучува непосреден и сериозен ризик по животот или здравјето: едноставно оставајќи на оние кои може да страдаат од повреда самите да бараат информации за таквите ризици не би можело никако да ја исполни обврската на државата во таквите случаи да ги заштити граѓаните.
Уште поконкретно, во случајот Татар против Романија, Европскиот суд идентификуваше ситуации во кои државата по службена должност мора да собере информации за еколошките ризици. Првиот случај се однесува на обврската да се соберат и објават/рашират информации за моменталните, минатите и идните последици по животната средина и здравјето на луѓето од еколошките инциденти. Вториот случај се однесува на обврската на државата да собере и објави информации за превентивните мерки и препораките за начините на кои ќе се управува со идните еколошки инциденти
Освен тоа, оваа обврска на давање на информации за состојбата во животната средина ќе биде исполнета само ако информацијата е потполна, а не половична; суштинска; и со неа се опфатени како информациите за актуелната штета односно загадување кое претставува извор на повреда на правата од Конвенцијата, така и информациите за мината штета.
3. И конечно, заштитата на животната средина како легитимна цел
Неизбежно ќе има околности кога еколошките цели од една страна и правата на конкретни индивидуи или групи од друга страна – може да дојдат во конфликт. На пример, регулирањето на активностите на загадување или контролата на вадењето на природните ресурси може да ги наруши употребата или вредноста на нечија сопственост, или да го попречува економскиот развој. Особено во случаи кои вклучуваат наводно мешање од страна на државата во мирното уживање на сопственоста и имотот, Судот во Стразбур конзистентно го зазема становиштето дека заштитата на животната средина е легитимна цел на јавната политика. И одби да даде несоодветна предност на сопственичките права.
Како и да е, кога се балансираат грижите по околината со правата од Конвенцијата, Судот признава дека националните власти се во најдобра позиција да прават одлуки по прашања за животната средина, кои често имаат тешки општествени и технички аспекти. Според тоа, Судот им дозволува на националните власти во принцип широка дискреција. Сепак, кога е во прашање сериозното влијание врз здравјето, на пример кога правото на животот е засегнато, степенот на дозволено балансирање неизбежно би бил помал.
Ова балансирање на интересите кои треба да се одржат од страна на државата не е само суштинско, туку исто така има и важни процедурални димензии. Практично, (како што истакнува Судот во Ташкин) „Онаму каде што државата мора да одлучи за комплексни прашања од политиката на животна средина и економската политика, процесот на носење на одлуките мора прво да вклучи соодветни истраги и студии со цел да се дозволи однапред да се предвидат и проценат ефектите од соодветните активности кои можат да ја оштетат животната средина и да ги повредат правата на индивидуите, и да овозможи да се направи фер баланс помеѓу различните конфликтни интереси во прашање (на пример, кои ќе бидат економските предности од отворање на рудник наспроти ефектите по животната средина и правата на жителите во областа). (ова е главно преку студиите за проценка на импактот врз животната средина (EIA))
Потоа, подеднакво важна е и обврската на државата да овозможи учество во процесот на донесување на одлуки кои се однесуваат на заштитата на животната средина. Како и со пристапот до информации, така и правото на партиципација во носењето на одлуки според Европската конвенција не е достапно секому, ниту се однесува на одлуки кои ја засегаат животната средина генерално. Само оние чии што права на некој начин се засегнати ќе имаат корист од оваа заштита. Во проценката дали државата ја исполнила оваа обврска, Европскиот суд ќе ги разгледа сите процедурални аспекти, вклучувајќи го и видот на политика или одлуки, мерката во која ставовите на поединците се земани во предвид во текот на постапката на донесување на одлуката, како и расположливите процесни гаранции. Како што е истакнато во случајот Ташкин против Турција „засегнатите индивидуи мора исто така да бидат во можност да се обратат до судовите против било која одлука, акт или пропуст каде што тие сметаат дека на нивните интереси или нивните забелешки не им е дадена соодветната тежина во процесот на правење на одлуките. (Соодветни, правични и ефективни лекови мора да бидат обезбедени). На пример во случајот Џакомели против Италија, Судот најде повреда на приватниот живот на апликантот, бидејќи механизмите на домашното право биле без практичен ефект, а особено поради тоа што тој немал можност да учествува во процесот на издавање на дозвола (за фабрика за преработка на отпад), како и да ги достави сопствените забелешки на надлежните органи.
Целото ова case-law на Европскиот суд за човекови права јасно ни покажува колку многу заштита на животната средина може да биде извлечена од постоечкото право за човековите права.
Сепак, заштитата на човековите права им е од корист само на жртвите на повредата на правата од Конвенцијата. Ако здравјето, приватниот живот, сопственоста или граѓанските права на лицето кое се обраќа до Судот не се доволно засегнати од еколошката загуба, тогаш тоа нема основ да продолжи со постапката. Не постои actio popularis според Европската конвенција. Дури и оние индивидуи кои се жртви на повреди не може да се обратат до Судот да одлучи во корист на заштитата на животната средина едноставно затоа што веруваат дека таму јавниот интерес најдобро ќе биде задоволен. Тие можат само да го прашаат Судот да го измери нивните права наспроти јавниот интерес во некоја друга вредност како трговијата или развојот. Во правењето на ова индивидуите можат да обезбедат некакви победи за заштитата на околината, но овие ќе бидат инцидентни последици, не резултат на некоја поширока предаденост на конкретен вид на животна околина.
Дополнително, Судот е значително поверојатно да пресуди против државата каде што таа, на еден или друг начин, не успеала да ги имплементира, примени или да се придржува до нејзините сопствени домашни еколошки стандарди и правила. Значи, Судот е поверојатно да поддржи барање за заштита на животната средина засновано на аргументот од типот „владеење на правото“. Онаму каде што односната држава има поставено регулаторен систем дизајниран да ги намали ризиците и каде што овој систем дозволува партиципација (учество и излагања) на оние кои се изложени на ризикот, Судот е помалку наклонет да најде повреда (освен каде што државата целосно го игнорирала овој систем на правила).
Значи, case law-то на Европскиот суд за човекови права претставува значаен придонес во она што обично се нарекува „позеленување“ на меѓународното право за правата на човекот. И Судот засилено го зголеми опсегот на обврски на државите во оваа смисла. Во исто време пак, стриктното придржување до условот „да се биде жртва“ и поврзаната забрана за actio popularis, ограниченото прифаќање на естратериторијалната јурисдикција (за прекугранично загадување) и критериумот на каузалност (докажување на причинско последичната врска помеѓу индустриското загадување и штетата врз здравјето) сочинуваат значајни пречки за поднесување на барања врзани за животната средина. Во оваа смисла, судската практика на Европскиот суд за човекови права истовремено служи како да инспирира, така и да фрустрира.
Во светлото на оваа дихотомија и ќе го завршам моето излагање. Од една страна оваа веќе развиена судска практика е потенцијално применлива во повеќе ситуации во кои загадувањето на животната средина ги повредува правата на нашите граѓани -правата на почитување на животот и здравјето како и приватниот живот и домот на оние кои живеат во непосредна близина на изворите на загадување (дали се постројки, депонии и каменоломи, отпаден материјал на веќе затворени постројки или контаминирано земјиште и води), лицата чии права се непосредно загрозени од градежните активности или урбанистичкиот масакар, сѐ до бучавата во урбанизираните простори.
Од друга страна, сето тоа е дел од пристапот во кој заканите по животната средина се сметаат за проблем кој може да биде контролиран и администриран.
Дали потпирањето исклучиво на овој пристап е доволно за нашата реалност? Нашите градови се најзагадените во Европа и меѓу најзагадените во светот, во зимските периоди со алараматни нивоа на загаден воздух, со највеќе загадени денови во текот на годината и со илјадници жртви годишно како резултат само на загадувањето на воздухот, и ако на тоа се надодадат останатите извори на загадување и сите оние за кои воопшто немаме информации….
Дали оваа наша долгорочна и кумулативна загаденост ни дозволува да мислиме на нашиот витален простор во рамките на редовната политика (редовни проблеми кои бараат редовни лекови) или можеби ова треба да биде сметано за прашање на безбедносната политика (во насока на концептот на „човекова безбедност“) со тоа припишувајќи му тотално различна тежина и обезбедување на различни ресурси во домашната политика. Ова е она за што пишуваат нашите колеги Лазар Поп Иванов и Марија Мирчевска.
Јас тука би завршила. Ви благодарам за вниманието.
Користена литература и судска практика:
Boyle, A., Human Rights or Environmental Rights? A Reassessment, Fordham University Law School, 2007.
European Convention for the Protection of Human Rights and Fundamental Freedoms, as amended by Protocols Nos. 11 and 14, 4 November 1950.
Knox J.H., Pejan R. (eds), The Human Right to a Healthy Environment, Cambridge University Press, 2018.
Koivurova, Т., Introduction to International Environmental Law, Routledge, New York, 2014.
Quirico О. And Boumghar М. (eds), Climate Change and Human Rights: An international and comparative law perspective, Routledge, New York, 2016.
Pop Ivanov, L., Mirchevska, M., Macedonia аnd Kosovo Should Treat Air Pollution As A National Security Threat, Article 1, Institute for Global Politics and Law, 2018.
Stephens, Т., International Courts and Environmental Protection, Cambridge University Press, 2009.
Brânduse v. Romania, Application no. 6586/03, Judgment of 7 April 2009.
Budayeva and Others v. Russia, Application no. 15339/02, 21166/02, 20058/02, 11673/02 and 15343/02, Judgment of 20 March 2008.
Di Sarno and Others v. Italy, Application no. 30765/08, Judgment of 10 January 2012.
Dubetska and Others v. Ukraine, Application no. 30499/03, Judgment of 10 February 2011.
Fadeyeva v. Russia, Application no. 55723/00, Decision of admissibility of 16 October 2003.
Fadeyeva v. Russia, Application no. 55723/00, Judgment of 5 June 2005.
Giacomelli v. Italy, Application no. 59909/00, Judgment of 26 March 2007.
Guerra and Others v. Italy, Application no. 116/1996/735/932, Judgment of 19 February 1998.
Hatton and others v. the United Kingdom, Application no. 36022/97, Judgment of 2 October 2001 (Chamber).
Hatton and Others v. United Kingdom, Application no. 36022/97, Judgment of 8 July 2003 (Grand Chamber).
López Ostra v. Spain, Application no. 16798/90, Judgment of 9 December 1994.
Öneryildiz v. Turkey, Application no. 48939/99, Judgment of 18 June 2002 (Chamber).
Öneryildiz v. Turkey, Application no. 48939/99, Judgment of 30 November 2004 (Grand Chamber).
Smaltini v. Italy, Application no. 43961/09, Decision on Admissibility of 24 March 2015.
Taskin and Others v. Turkey, Application no. 46117/99, Judgment of 10 November 2004.
Tătar v. Romania, Application no. 67021/01, Judgment of 27 January 2009.