[Победнички есеј] Никола Донев

#Член1 со задоволство ви го пренесува победничкиот есеј на отворениот повик на тема: меѓународна соработка во време на пандемија*

Никола Донев, студент на правни студии

Никола Донев е студент на правни студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје. Моментално работи како проектен асистент на правната клиника за бегалско право при Правниот факултет. Истовремено работи на различни проекти со Универзитетското Студентско Собрание (УСС) при УКИМ. Области од академски интерес за Никола се: Меѓународно јавно право, дипломатија, право на ЕУ, и политички систем.

МУЛТИЛАТЕРАЛНАТА СОРАБОТКА КАКО УСЛОВ ЗА ЗАШТИТА НА ДЕМОКРАТИЈАТА ВО МУЛТИПОЛАРНИОТ СВЕТ

СИСТЕМ ВО ШОК – СОЗДАВАЊЕ НА МУЛТИПОЛАРНИОТ МОМЕНТ

Трансформативна промена во еден систем настанува во период на тектонски потреси.[1] Низ вакви кризи се развивал и мултилатералниот систем чијшто главна манифестација е системот на Организацијата на Обединетите Нации (ООН). Меѓународниот мултилатерален систем кој е творба на политичките визионери и победници во Втората светска војна во првите две децении на 21виот век доживеа коренити потреси кои отпочнаа процеси на поткопување на носечките принципи на глобалниот неолиберален поредок поддржан од интернационализацијата на капитализмот кој го претвори светот во еден голем пазар за експлоатација.

Процесите на сегментација на глобалниот капитализам[2], вкоренувањето на авторитарниот национализам во политичкиот систем и политичката култура на многу земји, обезвреднувањето на меѓународните институции и појавата на новиот мултиполарен поредок[3] како резултат на ослабнатата лидерска позиција на САД и ЕУ е дотолку забрзан со појавата на пандемијата за која ниту една држава беше спремна, ниту вршеше сериозни подготовки за таков настан. Очигледно е дека повеќе од било кога е потребен мултилатералниот пристап за колективна акција[4], но политичката состојба на светот го поставува прашањето за подготвеноста на постојниот систем и неговите институции за ефективно справување со предизвиците пред кои сме исправени. Отварањето на стручна и јавна расправа, како и развој на нов модел за мултилатерна соработка е клучно за зачувување на демократијата во светот и негово зближување во соочување со егзистенцијалните кризи.

МУЛТИЛАТЕРИЗМОТ ВО МУЛТИПОЛАТРНИОТ СВЕТ

Мултилатералниот систем денес е производ на политичките околности после Втората светска војна, а понатаму неговиот развој во либералниот глобализаторски контекст се појавува со крајното растурање на СССР. Големата претпоставка за модерниот систем е отсуството на ривалства помеѓу големи сили. Сепак, она што теоретичарите го забораваат е дека ваквата консталација е историска аномалија, а не правило. Униполарниот момент во кој живееме се распаѓа со повлекувањето на САД во политика на изолационизам. Ефективното откажување на САД од лидерската позиција во мултилатералниот систем кој беше создаден и моделиран од страна на американски политички чинители го загрозува опстанокот на системот. Европската Унија, внатрешно поделена во бескрајните дебати за ролјата на Унијата во животот на луѓето и ефектот од Брегзит е во неможност да го пополни лидерскиот вакуум оставен од САД. Брисел, потребниот поборник за демократски мултилатеризам во светот е во неможност да се покаже на задачата.[5]

Понатаму, развојот и воздигнувањето на држави како Кина, Индија, Бразил и некои африкански држави на меѓународната сцена, во економска и политичка смисла, придонесуваат за создавње на мултиполарен свет каде што традиционалниот мултилатерален систем, создаден во исклучителен историски контекст, не е во состојба да опстои со што се појавува потребата од негово адаптирање, во спротивност тој ќе биде прогласен за застарен и неговите институции ќе се распаднат, а повторната реизградба на такви институции ќе биде многу тешко. [6]

Борбата за опстојување на мултилатеризмот не значи и борба за одржување на постојниот неолиберален светски поредок.[7] Новиот мултилатеризам треба да исполнува повеќе задачи и да се адаптира кон новиот мултиполарен свет каде постојат ривалства меѓу различни центри на моќ. Новиот мултилатеризам треба да се врами во геополитичка реалност. Неговата адаптација ќе значи создавање повеќе слоеви на мултилатеризам во рамки на постоечки институции и надвор од нив во нови форми на мултилатерално здружување. Балансирањето на сите нови политички фактори нужно ќе создаде форма на „компетитивен мултилатеризам“[8]

КОМПЕТИТИВЕН МУЛТИЛАТЕРИЗАМ

Компетитивниот мултилатеризам би овозможил комплементарна рамнотежа меѓу антагонистичките сили и би ги зачувал веќе постоечките институции на мултилатералниот систем. Истовремено, би овозможил простор за враќање на вредностите како централен фактор во создавањето на нормите на мултилатералните институции.

Компетитивниот мултилатеризам треба да исполнува три димензии: да овозможува соработка; да поддржува превенција на конфликти и да овозможува простор за натпревар.

Трите поставени димензии го афирмираат мултилатеризмот како најсилен меѓународен инструмент за соочување со транснационалните предизвици. Во мултиполарен свет соработката меѓу државите ќе биде потешка, но не и невозможна затоа што транснационалните проблеми ќе ги засегаат сите, разликата ќе се однесува во то што тие нема да бидат гледани во вакуум, туку во геополитички контекст.

Од аспект на демократските држави новиот модел на мултилатеризам треба да послужи неколку цели: заштита на демократијата и системот на човекови права; справување со авторитаризмот и легитимизирање на меѓународните институции. Овие цели можат да се постигнат со селективна борба на здружени демократски држави кои, создавајќи систем врз основа на споделени вредности, ќе можат да се заштитат од авторитарните тенденции внатре во нивните граници, но истовремено да покажат отпор на меѓуанордно ниво во форумите за натпревар.

Моделот на компетитивен мултилатеризам, насочен кон остварување на целите на демократските држави, ќе катализира поголема соработка меѓу демократски држави, кои иако нема да бидат универзални како досегашниот модел ќе понудат соработка врз основа на споделени вредности, нешто на кое се заборави во сегашниот модел поради догматската верба во крајната победа на либералните вредности. Вредностите ги градат и правилата на институциите на системот, така со правила поставени врз основа на либерални вредности ќе ги зајакнат либералните цели, но нужно не ги гарантираат. Така во ООН, како универзална институција, на иста маса има демократски и авторитарни режими кои низ принципот на еднаквост меѓу суверени држави се дава можност за влијание врз промена на правилата.

Во насока на градење демократски сојузи си споделени вредности Франција и Германија го афирмираа „Сојузот за мултилатеризам“ (Alliance for Multiratelism)[9], сојузи кои би биле противтежа на Кина која ги промовира сопствените модели и пропратните вредности и норми на потенцијални сојузници, како и обликувањето на меѓународниот поредок преку унилатерално дејствување, особено со Belt and Road проектот. 

Компетитивниот мултилатеризам како модел нуди решение во соочувањето со развојот на мултиполарниот свет, но не е ослободен од потенцијално негативни ефекти. Првично, одмерување на силите, односно тежината на една држава на меѓународната сцена. Традиционалните параметри на економски развој, политичко влијание и воен потенцијал покажуваат во насока на создавање на мултиполарниот свет, но отсуството на институции кои се адаптирани на таквиот нов поредок се закануваат други предизвици кон глобалниот поредок[10]. На хоризонтот се појавува опасноста од нова блоковска поделба на светот, која дополнително ќе ја отежне мултилатералната соработка и носи опасност од распаѓање на постоечки институции преку „оспоруван мултилатеризам“ (Contested multilaterism)[11] каде активното оспорување на институциите и правилата и формирање на нови паралелни структури ќе доведат до распаѓање на постоечките. Ваквиот ефект може да се митигира со проактивност – реформирање и адаптирање на институциите и правилата кон новата мултиполарна геополитичка реалност.

НОВ МОДЕЛ НА МЕЃУНАРОДЕН РАЗВОЈ НИЗ МУЛТИЛАТЕРАЛНА СОРАБОТКА

Новиот модел на мултилатерална соработка нужно мора да биде пропратена со реформирање на моделот на меѓународен развој (international development), кој се повеќе треба да се оддалечува од пост-колонијалниот модел на хуманитарна донација (charity) и да премине на сериозно градење на институционален капацитет во земјите во развој и инвестиции во таквата инфраструктура. Но, овој модел на развој треба да биде двонасочен, како вертикално така и хоризонтално. Мора да постои сврзување меѓу економските активности, развојот и социјалните последици (social wellbeing). Кон оваа цел постоечки институции како како ММФ, Г20 и Г7 се од круцијално значење затоа што тие како поставувачи на правилата можат да го направат ова сврзување и да понудат механизми за понатамошни акции. Но, за успех на овие напори во насока на заштита на демократијата и борба против авторитарните тенденции мора во центарот на развојните напори да биде човекот – само активно граѓанство и човекот како главен чинител на развојот може да даде најголем ефект во развојот на една земја.[12]

Како пример за модел на соработка може да се истакне Куба. Иако не припаѓа на групата на развиени земји, таа се покажа поефективна во справување со КОВИД-19 пандемијата од некои развиени европски земји, до тој степен што докторски тимови од Куба патуваат во различни жаришта во обид да помогнат на населението. Во овој кубански модел постојат и мултилатерални развојни нишки преку Латино-амаериканската школа за медицина (Escuela Latinoamericana de Medicina) низ чии врати минале скоро 29.600 студенти од 100 земји во 2019.[13] Луѓето мора да бидат во центарот на развојот на земјите, затоа што така ќе се придонесе и кон легитимизирање на меѓународните институции.

Антонио Грамши околу 1930та напишал: „Оваа криза е содржана во фактот што старото е во замирање, а новото не може да биде родено; во овој меѓупериод се појавуваат голем број на морбидни симптоми“. Продирањето на новиот мултиполарен свет се случува во екот на морбидни политички процеси кои бараат реформирање и адаптирање на сегашниот мултилатерален систем кон геополитичката реалност. Меѓународниот политички поредок, исто како и националниот може да го оправда сопственото постоење единствено како орган кој ги отелотворува и актуелизира нашите најсвети вредности – слободата, еднаквоста и братството. Човештвото секако ќе ја преброди и оваа здравствена апокалипса, но не ќе ја преброди политичка ‘‘апокалипска‘‘ доколку не го преуреди светскиот поредок така што тој ќе ги рефлектира нашите најзначајни идеали.


[1] Donini, Antonio. “The Crisis of Multilateralism and the Future of Humanitarian Action.” The New Humanitarian, 1 Jan. 2020, www.thenewhumanitarian.org/opinion/2016/11/30/crisis-multilateralism-and-future-humanitarian-action.

[2] Klare, Michael T. “From Globalization to Regionalization?” The Nation, 4 Apr. 2020, www.thenation.com/article/economy/globalization-regionalization-covid/?fbclid=IwAR1GgRbZRFjod1T8AIvmtuHVLKitpBKf9njSDLiG4szCk7Xx__1VImgbipg.

[3] Спиридонов, Радован. “Борба За Повеќе Пријатели Во Мултиполарниот Свет.” ResPublica, respublica.edu.mk/blog/2019-04-30-07-37-42.

[4]Gurría, Angel, et al. “Now Is Not the Time to Give up on Multilateralism.” World Economic Forum, www.weforum.org/agenda/2019/01/now-is-not-the-time-to-give-up-on-multilateralism/.

[5] Derviş, Kemal. “Can Multilateralism Survive? by Kemal Derviş.” Project Syndicate, 20 July 2018, www.project-syndicate.org/commentary/no-multipolar-world-order-by-kemal-dervis-2018-07.

[6] “IMF, World Bank chiefs call for ‘new multilateralism’” YouTube, uploaded by FRANCE 24 English, November 12 2018,

[7] “What’s Left of Multilateralism?” GPPi, www.gppi.net/2019/11/04/whats-left-of-multilateralism-putting-six-hypotheses-to-the-test.

[8] Moreland, Will. “The Purpose of Multilateralism.” Brookings, Brookings, 23 Sept. 2019, www.brookings.edu/research/the-purpose-of-multilateralism/.

[9] Deutsche Welle. “Germany Launches Alliance for Multilateralism: DW: 26.09.2019.” DW.COM, www.dw.com/en/germany-launches-alliance-for-multilateralism/a-50600084.

[10] Derviş, Kemal. “Global Power Is Shifting. Is It the End of Multilateralism?” World Economic Forum,

www.weforum.org/agenda/2018/07/is-this-the-end-of-multilateralism.

[11] Morse, J.C., Keohane, R.O. Contested multilateralism. Rev Int Organ 9, 385–412 (2014). https://doi.org/10.1007/s11558-014-9188-2

[12] Snower, Dennis J., et al. “Reclaiming Multilateralism.” Project Syndicate, 22 June 2018, www.project-syndicate.org/onpoint/reclaiming-multilateralism-by-dennis-j–snower-2018-06?barrier=accesspaylog.

[13] Zapata, Patricia. “The Island That Refuses to Isolate – Rosa-Luxemburg-Stiftung.” Rosa, 1 Apr. 2020, www.rosalux.de/en/news/id/41878/the-island-that-refuses-to-isolate?cHash=d80e0025836a39a65d50c8fff8276b4d&fbclid=IwAR2zZHnkdywXg8OJVkEafSuuqvw2K0l8A20qdkEbKEypajgDcDQcKvMAx-I.

———————————————————————————————————————————————————

* Ставовите изразени во оваа колумна се ставови на авторот, и не ги претставуваат ставовите на Член 1 – Институт за глобални политики и право

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.