Автори: претседателството на #Член1
Серијал на текстови: МНР 2020 – 2024
Овој текст е краток осврт на претседателството на #Член1, поврзан со прес конференцијата на министерот за надворешни работи (достапна на овој линк), на која беше презентирана мандатната мисија на МНР за следните четири години, врамена во пет приоритети на кои ќе се фокусира министерството (достапни и на веб сајтот на МНР).
1. Во петте приоритети на МНР, ниту во говорот на министерот Османи не се споменува професионализацијата на дипломатската мрежа (сѐ уште не сме сигурни дали ова значи дека МНР целосно ја напушта идејата која беше застапена во предлог законот за надворешни работи кој министерот Димитров го предложи во декември 2019 година, а предвидуваше воведување праг од 80% на кариерни амбасадори). Член 1 се надева дека аргументите сепак ќе победат, а МНР и граѓаните ќе добијат професионална дипломатска служба како мотор на државните интереси во странство. Само доколку доследно се примени принципот на професионализација, можеме понатаму да ја унапредиме родовата и правична застапеност во овие структури, без притоа да се спори стручноста на кадрите.
2. Петте приоритети кои министерот ги потенцираше на прес конференцијата се пристојни патокази за нашата надворешна политика и може да се користат како мерило за успех на оваа администрација. Но, постојат детали на кои сметаме треба да се работи, за да може овие цели да имаат пристоен план за примена.
Во прилог се неколку специфични коментари за приоритетите.
Со приоритетот 3, дефиниран од страна на МНР како „учество во регионалната стабилност како искрен и стабилен партнер на САД и ЕУ“, министерот дообјасни дека со нашата надворешна политика во регионот ќе придонесеме кон регионалната стабилност поддржувајќи ги нашите партнери САД и ЕУ во нивните политики. Позицијата на #Член1 е дека е важно МНР да има сопствени позиции за регионалните прашања, особено за оние каде САД и ЕУ немаат ист став или политика. За тие прашања каде има несогласувања меѓу нашите стратешки партнери, ние мораме да имаме минимум развиени ставови кои ќе ни бидат навигација во процесот.
Приоритетот 4 зборува за ревитализација и засилување на економската дипломатија. За овој приоритет МНР побара 100 дена додека го поднесат предлогот до Влада (со специфични политики). Тоа што ние се надеваме, во исчекување на овие специфични предлози, е дека искуствата од претходната политика на „економските промотори“ ќе бидат земени во предвид, за овојпат да се направи подобар модел и да се избегнат недостатоците од пробаните пристапи.
За приоритетот 1 во кој МНР зборува за добрососедските односи, интересно е да се спомне промената во реториката, па така новиот министер вели: „ Денес, откако практично ги затворивме или можеби подобро во поактуелен контекст ги врамивме сите отворени прашања со соседите пред нас се отвора предизвикот да го преминеме скалилото на добрососедство, да ги отвориме можностите на длабоко и долгорочно пријателство“ .
Оценувајќи ги прашањата кои ги имаме со соседите како „врамени“ (а не затворени) алудира дека МНР очекува дел од прашањата кои произлегуваат од билатералните меѓусоседски односи, допрва да се решаваат. МНР исправно верува дека договорите со Бугарија и Грција нудат рамка и структура во која потенцијалниот конфликт или несогласување ќе се решава. Меѓутоа постои ризик да некои прашања го надминат мандатот на комисиските структури или пак една од страните да бара решението да се извади од научниот домен и да се префрли во доменот на политиката. Оттаму, МНР треба да работи на антиципација на овие прашања, на градење на теоретска, научна но и стратегија за преговарање по овие прашања, навремено да ја сензибилизира македонската јавност и да креира нови партнерства меѓу државите во ЕУ за одбрана на државните интереси.
Во приоритетот број 5 МНР утврдува дека нашата држава ќе даде „активна поддршка на мултилатерализмот, подигнување на присуството во меѓународните организации како придонес кон светска стабилност и градење на меѓународна позиција и углед на Северна Македонија“. Од #Член1 веруваме дека ова е одличен приоритет, но единствено доколку е проследен со конкретен, осмислен план за делување. Многу долго на македонската надворешна политика и недостасуваше краткорочна и долгорочна стратегија за делување во меѓународните организации во кои членуваме (а која не се однесува единствено на тековните спорови кои ги имаме), па очекуваме од МНР да излезе со конкретен предлог. Тој план мора да ги опфати и недоследностите во македонската надворешна политика во последните 20 години и да ги утврди идните ставови за најважните прашања во меѓународната политика, а кои се дел од мандатот на овие институции.