[Став: Лазар Поп Иванов] За професионализација на македонската дипломатска мрежа

Автор: Лазар Поп Иванов, м-р по меѓународни односи, меѓународно право

Во фокусот на македонската надворешна политика веќе долго време се евро-атлантските интеграции. Желбата за членство на нашата држава во овие организации се чини дека е една од ретките константи во стратешките планови на нашата надворешна политика. Доколку политичките елити се искрени во нивните намери за понатамошото интегрирање во овие институции и навистина сакаат нашето општество да го даде најдобриот придонес во меѓународните односи – тогаш еден од чекорите мора да биде професионализацијата на дипломатската мрежа. За една мала држава како нашата, во која секоја ставка од буџетот треба да биде мудро обмислена, особено е важно граѓаните и институциите на системот да бидат претставени од најдобрите професионални кадри кои ги поседуваме. Професионалните кадри се дипломати од највисок вид во Mинистерството за надворешни работи кои поминале повеќе од една декада искачувајќи ги сите скалила во нивната служба и ги исполните потребните критериуми за да се стекнат со амбасадорското звање. Оваa промена во политиката на Владата лесно може да се направи со едноставна промена на моменталната законска легислатива (Законот за надворешни работи), со зголемување на бројот на професионалните амбасадори на сметка на амбасадорите кои се политички назначени.

Кој може да стане амбасадор?

Еволуцијата на Законот за надворешни работи ни покажува дека од 2006 година до денеска во неколку наврати се менува соодносот помеѓу амбасадори кои ќе бидат назначени од рангот на дипломатско конзуларните службеници со највисоки дипломатски звања во министерството (тн. дипломати од кариера) и тн. политички назначените дипломати. Во 2006 година законот предвидувал најмалку 2/3 од вкупниот број на дипломати да бидат дипломати од кариера,  во 2008 година законот се менува и регулира најмалку 1/4 од вкупниот број на дипломати да бидат дипломати од кариера. За жал, ниту моменталната законска рамка не е значително подобра, и истата предвидува најмалку 1/3 од вупниот број на дипломати да бидат кариерни дипломати, а останатите да бидат назначени од редот на тн. политички дипломати. Моменталното законско решение овозможува во дипломатската мрежа да доминираат „политички назначените дипломати”.

Потребата од професионална дипломатска мрежа

За да дадеме дополнителен контекст и да ја зајакнеме аргументацијата за предлогот да се професионализира македонската дипломатската мрежа, можеме да ја земеме интеграција во Европската Унија како илустративен пример.  Во јуни 2019 година, Советот на Европската Унија ќе го оценува напредокот кој нашата држава го направила во изминатата година и на таа основа (помеѓу другото) ќе донесе одлука за нашата понатамошна интеграција во Унијата. Оттаму, загрижувачки е фактот што дел од нашите амбасади во Европа се сеуште без претставници од највисоко ниво-амбасадори. Токму амбасадорите треба да бидат најистакнатите лобисти, оние кои во име на граѓаните ќе ги застапуваат интересите и амбициите на нашата држава пред европските политички чинители.  Оваа критика дипломатскиот клуб ја регистрираше уште во јуни 2018 година, како и неколку медиуми кои потенцираа на важноста амбасадорските места да се потполнат во вакви важни политички периоди.

Ние веруваме дека не само што не смееме да дозволиме празни амбасадорски места, туку дека високите дипломатски позиции треба да се исполнети со луѓе кои се кариерни дипломати.  Впрочем, кој подобро би лобирал и аргументирал „за“ прогресот на нашата држава од амбасадори од кариера, односно оние државни службеници кои голем дел од својот работен век се подготвуваат за една ваква позиција. Според Законот за надворешни работи кариерните дипломати поминуваат најмалку 11 години на различни нивоа во министерството, од позиција „приправник“ до статус „амбасадор“. Спротивно на тоа, политички назначените дипломати не мораат да го поседуваат ова искуство за да бидат назначени на истите позиции, туку единствено потребно е да исполнуваат законскиот предуслов кој вели дека кандидатите треба да бидат: „истакнати личности од областа на надворешната политика, меѓународните односи, меѓународното право, науката и културата“, или пак „ лица од редот на вработените во јавниот сектор, актуелни или поранешни избрани или именувани лица во законодавната, извршната, судската и локалната власт, како и дипломати кои биле вработени или ги остварувале правата од работен однос во Министерството за надворешни работи за време на мандат во дипломатско-конзуларно претставништво на Република Македонија во странство“ (член 35-а од ЗНР).

Ова мора да биде доволен аргумент. Искуството треба да биде нашиот логичниот избор.  

Но, доколку се потребни дополнителни причини, тогаш можеме да споменеме дека празните амбасадорски места кои во моментов ги имаме, можат (во одредена мера) да се препишат на неможноста Министерството за надворешни работи и Претседателот да се согласат за листа на вземно прифатливи кандидати. Овој проблем, кој во својата основа верувам дека е (делумно) и партиски, може да се надмине доколку мнозинството од предложените амбасадори потекнуваат од професионалните (кариерни) дипломати во ситуација кога законските решенија ги фаворизираат токму нив. Кога политичките чинители ќе имаат да одберат помеѓу низа професионални кандидати, тогаш партиските пресметки и игри ќе станат во голема мера залудно потрошено време.

Дополнителен аргумент во полза на професионалнизација на дипломатската мрежа е дека во овој момент меѓународниот систем,  меѓународното право, и глобални институции се исправени пред низа предизвици. Во моментите кога дури и дел од академиците отворено се запрашуваат дали „меѓународниот либерален поредок ќе преживее?“ (повеќе за академските дебати кај: Joseph Nye, Richard Haass, John Ikenberry), нема поодговорна политика од кормилото за навигација низ овие политички реалности да биде оставено на искусните и професионални кариерни дипломати.  Мотив плус за менување на оваа политика, е што нашите европски партнери имаат професионални дипломатски служби. За илустрација, како генерално правило Германија регрутира само кариерни дипломати во својата дипломатска мрежа за да се осигура дека интересите на државата ќе бидат најдобро застапена во меѓународните односи.

Секако, фер е да препознаеме дека дел од нашата јавност ја поддржува моменталната ситуација каде имаме мнозинство политички назначени амбасадори. Поддржувачите на моменталата состојба ќе истакнат дека има и политички назначени дипломати кои си ја вршат работата совесно и добро. Секако, тоа е возможно, но тие профили би биле уште подобри во својата работа доколку претходно ги поминале скалилата за напредување и обуки кои министерството ги овозможува. Како што аргументира Николас Кралев: дипломатите се створени, не родени и затоа треба да се работи со кадарот, да се инвестира во него, пред да ја претставува државата во меѓународните односи.

Конечно, верувам дека на домашно политички план предлог кој промовира систем на заслуги ќе биде добредојден од граѓаните. Впрочем низа извештаи (вклучувајќи го и извештајот на Прибе, и извештаите од Европската Комисија) кои го оценувале напредокот на демократските процеси во нашето општество предложуваат де-партизација на јавниот сектор и воведување на „мерит“ систем во процесите на именувања и назначувања. Оттаму, имајќи на ум дека македонската дипломатска мрежа е составена од релативно мал број (50) амбасади, оваа реалност ни отвора една вистинска можност да започнеме со дипломатијата како гранка од јавно политичкиот живот каде професионалните кадри да бидат повеќе застапени од политичките. Дополнително во рамките на МНР веќе постои внатрешен систем за креирање на кариерни дипломати, па не мора да се реобмислува овој процес, туку единствено може да се инвестира повеќе во дополнителни обуки и доусовршување на овој кадар.

————————————————————————————————————————————-

Проектот е финасиски поддржан од  програмата „Правна помош и поддршка за зајакнување на капцитетите за застапување и одржливост на граѓански организации“, имплементирана од Македонското здружение на млади правници, Данскиот совет за бегалци, Фондацијата за развој на локалната заедница Штип и Коалицијата сите за правично судење, финансирана од Европска Унија.

 „Проектот се финансира од страна на Европската унија. Ставовите изразени во оваа колумна не ги одразуваат ставовите на Европската унија“ 

One comment

Leave a comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.