
Автор: Кристијан Фидановски,
магистрант по источноевропски студии на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, САД
Во eден свој говор одржан во 2018, поранешниот претседател на САД, Барак Обама, изрази силен оптимизам за опстанокот на американската демократија. Со желба да ги смири своите поддржувачи кои очајуваа(т) околу победата на Доналд Трамп, Обама порача дека „американската демократија е толку здрава што секогаш кога некој политичар се обидува да шири омраза или страв, антителата на нашата демократија веднаш проработуваат и му пркосат на таквиот политичар“. Денес, и покрај сите „пехови“ во првите две години од мандатот на Трамп, може слободно да се каже дека навистина има некакви „антитела“ во американската демократија, штом таа и натаму успева да задржи некои свои исклучително вредни особини, без оглед на тоа кој е на власт. Eдна таква особина несомнено е доминантно професионалниот карактер на американската дипломатија. Без оглед на тоа кој бил претседател, стапката на политички назначени амбасадори во САД (наспрема формално школувани диполмати, или дипломати од кариера) историски секогаш била наклонета кон мнозинска застапеност на дипломатите од кариера. Во Македонија, пак, застапеноста на професионални дипломати не мора да изнесува повеќе од една третина од амбасадорскиот состав. Ова значи дека секоја власт има можност да го наполни македонскиот дипломатски кор со дури две третини политички назначени дипломати, односно комплетно да го исполитизира назначувајќи свои подобни кадри кои не доаѓаат од дипломатската фела.
Се разбира, ова не значи дека политичкото назначување амбасадори треба да се забрани. Напротив, назначувањето амбасадори по политички принцип всушност има и некои предности, односно барем три. Првата предност се однесува токму на оспоруваната (недипломатска) професионална позадина на овие амбасадори. Доколку овие кадри се своевиден „крем де ла крем“ во своите професии, тогаш обемното искуство кое тие го стекнале во своите работни средини може да ги направи позрели за еден крупен предизвик како амбасадорската фотелја, во споредба со дипломатите од кариера кои дотогаш биле „заглавени“ во пониските ешалони од дипломатскатата хиерархија. Втората предност се однесува на подолгиот престој на политички назначените кадри (освен доколку не работеле и живееле во странство) во својата матична држава. За разлика од дипломатите од кариера, кои со децении живееле во странство служејќи во разни амбасади низ светот, политички назначените кадри најчесто живеат во Македонија сè до моментот на преземање на амбсадорската позиција. Овој факт искуствено ги става во подобра позиција да ги застапуваат интересите на својата држава, но и културните вредности на своето матично општество. И на крајот, третата предност се однесува на блискиот однос кој политички назначените кадри веројатно го негуваат со предводниците на извршната власт во својата матична држава. Доколку овие кадри се луѓе од доверба на водечките политичари во државата и нивни долгогодишни познаници, наместо дипломатски чиновници кои актуелната извршна власт ги запознала дури откако го презела кормилото, тогаш се зголемува веројатноста дека овие амбасадори ќе имаат попродуктивен однос со оние чии политики безусловно се задолжени да ги застапуваат.
Сепак, овие три предности не се доволни за да надвладеат врз негативните страни поврзани со политичкото назначување амбасадори. Различната професионална позадина на овие кадри може да биде предност, но истовремено и сериозна мaана доколку се има предвид исклучително специфичниот регистар на зборување и кодекс на однесување кои секој амбасадор е обврзан да ги практикува, а кои бездруго најдобро можат да се стекнат преку формалната дипломатска обука низ која поминуваат дипломатите од кариера. Дополнително, подолгиот временски период кој овие кадри го поминале во матичната држава пред да бидат назначени за амбасадори не мора да претставува огромна споредбена предност, посебно доколку и дипломатите од кариера се обврзани да поминат одреден временски период дома додека прават пауза меѓу различни дипломатски мандати во странски држави. Најмалку совршена е веројатно третата предност, која автоматски содржи опасност од поставување кадри по „бланко“ принцип, односно без воопшто да се разгледува нивниот професионален габарит и морална подобност. Прилично е тешко да се поверува дека некој премиер би нашол цели триесет и двајца долгогодишни свои познаници (две третини од вкупниот број македонски амбасади низ светот) кои би претставувале подобар избор од сите дипломати од кариера кои се достапни во моментот. Ваквата опасност американскиот систем ја минимизира преку задолжителното одобрување на сите новоназначени амбасадори во Конгресот, кое не секогаш оди глатко (а понекогаш и се завршува неуспешно) поради строгата jaвна проверка на новоназначените амбасадори од страна на пратениците.
За да може овој процес да се примени во Македонија, потребно е прво да се развие поголем интерес во јавноста за амбасадорските назначувања. Потоа, јавноста треба да настојува на поголема политичка независност на пратениците од своите партии, посебно имајќи предвид дека во Македонија мнозинство во Собранието секогаш досега имале владејачките партии (како и во моментов), што само ја зголемува опасноста од назначување политички кадри „по вертикала“.
Во секој случај, назначувањето дипломати од кариера за амбсадори, пак, носи три свои крупни предности. Најочигледната предност се однесува на нивниот неопходниот интеркултурен сензибилитет, кој на политички назначените амбасадори честопати им недостасува, а кој дипломатите од кариера се очекува веќе да го стекнале низ своите мандати во пониските ешалони пред да стапат на амбасадорска позиција. Втората предност се однесува на партиската необоеност на дипломатите од кариера, што драстично ги зголемува шансите дека кариерните амбасадори кои би биле номинирани од страна на премиерскиот кабинет ќе бидат потврдени од претседателот на државата. Ова е посебно важно во периоди на кохабитација, односно коегзистирање на премиер од една партија со претседател од друга партија. До неодамна, лошата кохабитација со месеци ја чинеше Македонија празни амбасадорски фотелји во голем број (стратешки клучни) амбасади низ светот. Секако, ова не значи дека некој инаетлив претседател во иднина не би можел да опструира дури и дипломати од кариера, но во тој случај би имал многу послаби аргументи за таквото однесување.
На крајот, третата и веројатно најважна предност се однесува на намалената веројатност дека некој дипломат од карирера ќе се осмели да и се одметне на извршната власт на државата која ја претставува. Ваквото одметнување може да биде последица на т.н. going native, односно приклонување на амбасадорите кон интересите на државата во која служат (наспрема интересите на државата на која ù служат), но многу почесто е последица на интерно несогласување со политиките на актуелната власт, посебно кога амбасадорот е политички назначен кадар од претходната владејачка гарнитура. Единствената причина за постоењето амбасадори и амбасади во политиката е олеснување на односите помеѓу државите преку нивни директни претставници. Доколку ваквите претставници застапуваат политики поинакви од оние на своите претпоставени во матичната држава, тогаш нивната работа губи секаква смисла и треба веднаш да стапи на сила нивно отповикување. Повторно, ваквата опасност е многу помала кога се работи за дипломати од кариера, кои своето назначување не и го должат на ниту една политичка опција. Штом актуелните американски амбасадори можат да си ја проголтаат гордоста и да настојуваат да извадат максимум од политиките на Доналд Трамп, кои честопати се нелогични, ако не и контрадикторни, тогаш секој амбасадор на која било држава бездруго мора да биде способен да го прави истото.
Поради овие три причини, професионализацијата на македонската дипломатија треба да биде клучен стратешки приоритет за нашата држава. Со оглед на релативно малиот број македонски амбасади низ светот, професионализацијата во оваа сфера бездруго би одела побрзо одошто во некои погломазни државни ресори и би послужила како фантастичен модел за професионализација на остатокот од општеството.
Притоа, споредбата со состојбите во САД не смее да ни наметне впечаток од типот „тоа е Америка, не сме ние способни за такво нешто“. Всушност, во САД владее барем подеднакво голема партиска поларизација колку и во Македонија. Чисто за илустрација, најголем број од гласачите на Демократската партија никогаш не би гласале за политичар од Републиканската партија дури и кога неговите или нејзините политики би им се допаѓале, а истото важи и во спротивната насока. Оттука, штом дури и една волку поделена држава како САД може да избегне партизација на дипломатијата, тогаш дефинитивно можеме и ние.
—————————————————————————————–
Проектот е финасиски поддржан од програмата „Правна помош и поддршка за зајакнување на капцитетите за застапување и одржливост на граѓански организации“, имплементирана од Македонското здружение на млади правници, Данскиот совет за бегалци, Фондацијата за развој на локалната заедница Штип и Коалицијата сите за правично судење, финансирана од Европска Унија.
„Проектот се финансира од страна на Европската унија. Ставовите изразени во оваа колумна не ги одразуваат ставовите на Европската унија“
