Професионализација на дипломатијата на мали држави

Дипломатијата, како еден од основните столбови на надворешната политика на една држава, мора да биде под нејзина посебна грижа. Посебно малите држави се подложни на недостатоци во меѓународните односи, доколку дозволат дипломатскиот сектор да биде запоставен. Запоставувањето на дипломатијата како инструмент на надворешната политика може да се одрази во индиферентност кон позицијата и состојбата на самата држава од страна на други држави (членки на меѓународните сојузи) и нивните агенди. Изолацијата во меѓународната арена на една мала држава, каква што е и Македонија, е последица на недоволното ангажирање на државата на полето на надворешната политика, што се одразува на квалитетот и продуктивното функционирање на дипломатските и конзуларни представништва.

Автор: Борјана Филиповска, студент по меѓународни односи, практикант во Словенската академија за науки и уметност – Институт за миграции

Примерот на Словенија, и улогата на словенечката дипломатија при вклучувањето на државата во НАТО и ЕУ, како мала европска држава, представува пример за потребата по континуирано усовршување и професионализација во дипломатскиот сектор, како и самата пракса на словенечката надворешната политика. Во споредба со словенечката дипломатија, Македонија ви можела да земе пример во повеќе сегменти на дипломатијата, со цел постигнување на своите надворешно-политички агенди, земајќи ги во предвид сличностите помеѓу двете држави. Како мали балкански земји кои својата независност ја стекнаа кон крајот на Студената Војна, односно по распадот на Југославија, во 1991 година, и кои како цели на својата надворешна политика го идентификуваа(т) членството во НАТО и ЕУ. Споредбата во овој случај не се однесува единствено критички кон македонската дипломатија, во случај кога Словенија е веќе држава членка на ЕУ и НАТО од 2004 година. Професионализацијата на дипломатијата не е крајна цел, туку динамичен процес кој мали држави какви што се Словенија и Македонија, мораат континуирано да го надгледуваат и усовршуваат во пракса, со цел не само да се постигне репрезентативност во меѓународните односи, туку да се возпостават и ефикасни односи и позиционирање на земјата на меѓународен план.

Потребата од професионализација на дипломатијата

Во времето на Југославија, занемарувањето на критериумите за професионалност и познавањето на меѓународните односи е видно во потешкотиите со кои се бирале амбасадори од сите републики. Денес тој републички систем на селектирање на дипломати е заменет со партиски систем, кој е присутен не само во бившите Југословенски  држави, туку и пошироко во Европа и светот. Тоа што е клучно е дека партиското селектирање на дипломатски кадар често влијае негативно на квалитетот и резултатите на работата на дипломатските мисии. Овој проблем се одразува и на самата репутација и препознатливост на политиките на една држава во односите со другите држави. Денес, западна и источна Европа се стреми кон целосна професионализација на дипломатијата како инструмент на надворешната политика на државата. Причините за тоа се потребите од подобрување во реализацијата на надворешно политичките интереси на државата, како и рационализација и намалување на средствата вложени во обучување на дипломатски кадар и ефикасна работата на дипломатските представништва.  Моргенхау (Morgenthau) на оваа тематика говори дека  националната моќ на една држава при водењето на националните прашања со помош на дипломати во време на мир, представува исто што представува водење на воени стратегии и тактики со помош на воени генерали во време на војна.  Оттука тој продолжува со тоа како високо квалитетна дипломатија може стручно да ги усклади целите и средствата на надворешната политика со веќе достапните ресурси на националната моќ, при што ги претвора во политичка реалност со вешти тактики применети во дипломатија. Денес клучен станува и концептот на таканаречената ‘мека моќ’, со чија примена државата може да влијае на случувањата во меѓународната заедница, и тоа не само со своите вооружени сили или економски потези, туку и со помош на знаење, пренесување на идеи, информации, проекти, повикување на демократски вредности и слично. Оваа помош може да се оствари само со професионалност во дипломатските мисии.

Малите држави во процесот на професионализација на дипломатијата

Дипломатијата е првенствено политичка активност, која доколку е урамнотежена и професионална во своето дејствување, може да биде една од најважните составни делови на моќта на државата. По влезот во НАТО и во ЕУ, Словенија зазема логичен став со кој овозможи повторно разгледување на професионалноста на својата дипломатија. Преку овој став, државата даде простор за подобрување на самото дејствување на дипломатите и задачите што ги очекуваат. По влезот во НАТО во 2004 година, Словенија стана членка на ЕУ за само четиринаесет дена потоа. Овој факт сам по себе говори за успешноста на словенечките дипломати, кои со својата работа тринаесет години по независноста на Словенија, овозможија успешна социјализација на државата во меѓународните организации и односи. Словенија единствено ги смета за неуспех на сопствената дипломатија безуспешните обиди да ги подржи останатите бивши југословенски републики на патот кон нивната еманципација во меѓународната заедница. Многу словенечки теоретичари, политичари, бивши амбасадори отворено го признаваат поразот во нивната надворешна политика кон останатите бивши Југословенски републики, чија стабилност и членство во ЕУ и НАТО ги гледаат како клучни при одржување на мирот и стабилноста во овој регион на Европа. Словенија одлучно и успешно се интегрира на меѓународната арена како одговорна и разумна држава, која е една од ретките земји членки на ЕУ, кои ја разбираат позицијата на останатите балкански држави, меѓу кои и Македонија.

По членството во ЕУ, во академските и политички кругови често се поставува прашањето дали Словенија со своето членство во унијата со 27 други држави би го изгубила својот глас и влијание во меѓународната заедница. Како причина за ова е големината и моќта на државата, која во споредба со други држави членки какви што се Германија, Франција, Австрија итд. не би можела да дојде до израз при бранењето на своите ставови и интереси. Тука повторно се враќаме на важноста на дипломатијата во процесите во надворешната политика. Самото членство во ЕУ значи засилување на позициите на една држава, и не би требало да представува закана за нејзините структури, туку шанса за напредок во односите со останатите европски држави. Покрај тоа што е мала земја членството во унијата ѝ отвори на Словенија политички, економски и социјални можности, кои се од исклучително значење за негување на нејзиниот суверенитет, како мала држава, географски обкружена со европски сили. За да го постигне тоа, по стапките на Словенија, Македонија мора да воспостави тесна врска и консензус меѓу извршната власт која ја одредува надворешната политика и МНР како реализатор на дипломатските мисии во странство. Дисонантност и неусогласеност меѓу политичките структури на една држава води кон нестабилност во внатрешната, како и во надворешната политика, како што сведочи примерот на Македонија од нејзината независност до денес.

Во меѓународниот систем малите држави се надвладеани пред сè од интересите на големите сили, кои самиот систем ги фаворизира заради нивното очигледно влијание врз обликувањето на глобалните политики. Во вакви околности, малите држави како Словенија и Македонија можат да се истакнат и да ја зголемат својата преговарачка моќ преку употребата на добро осмислени тактики, остварување на сојузи со држави (како ЕУ и НАТО) и преку испраќање на високо образовани и оспособени кадри во дипломатијата. Професионализацијата на дипломатскиот кадар не се постигнува исклучиво со експертска обука, туку во голема мера зависи и од животното искуство на лицата кои се обучуваат, нивната широка наобразба и спремност да ја представуваат државата на продуктивен начин, почитувајќи ги културните различности во светот. 

Дипломатијата на малите земји треба да се стреми кон постигнување на членство, пред сè во мултилатерални организации, каде што нивното влијание би дошло повеќе до израз, отколку во билатерални односи со помоќни држави. Во мултилатералните организации, малите држави имаат предност поради заедничкото залагање на државите при решавање на проблемите и усогласување на ставовите. Покрај ова, мултилатералната дипломатија е корисно инструмент за ограничување на хегемонистичките и егоцентрични интереси на големите држави.

Репутацијата на успешна дипломатија е зависна од преговарачката моќ на истата, која покрај вклучување на високо стручен кадар во своите дипломатски мисии би можела да ги олесни комуникациските и информациски препреки со кои многу мали држави се соочуваат во меѓународните односи. Токму поради оваа положба, малите држави мораат дополнително да инвестираат, не само финансиски, туку и во човечки ресурси при професионализацијата на дипломатијата во односите со други држави, со што би ја осигурале èи зацврстиле својата положба и удел во обликувањето на светските политики.

Литература:

Morgenthau, Hans. 1995. Politika med narodi: borba za moč in mir. Str: 242. Ljubljana: DZS

———————————————————————————————————

Проектот е финасиски поддржан од  програмата „Правна помош и поддршка за зајакнување на капцитетите за застапување и одржливост на граѓански организации“, имплементирана од Македонското здружение на млади правници, Данскиот совет за бегалци, Фондацијата за развој на локалната заедница Штип и Коалицијата сите за правично судење, финансирана од Европска Унија.

 „Проектот се финансира од страна на Европската унија. Ставовите изразени во оваа колумна не ги одразуваат ставовите на Европската унија“

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.