Поглед кон иднината – Македонската професионална дипломатија како иден дел од Европската служба за надворешни работи

Автор: Проф. д-р Јулија Брсакоска Базеркоска, вонреден професор по Меѓународни односи од Правниот факултет во Скопје

Проф. д-р Јулија Брсакоска Базеркоска

Начинот на кој ЕУ влијае врз редефинирањето на дипломатијата

Дипломатијата како рамка на принципи и правила кои се занимаваат со управувањето на односите помеѓу државите и другите меѓународни актери, значително се промени во контекст на процесот на европската интеграција. Европската Унија, како sui generis организација, ги предизвикува основните принципи и постулати на дипломатијата на две нивоа – најпрво преку билатералните односи на нејзините држави членки, а потоа и преку градење на капацитети за воспоставување на дипломатски односи на ЕУ со трети држави кои не се нејзини членки.

Европската служба за надворешни работи (European External Actions Service – EEAS) која е задолжена за односите на ЕУ со трети држави кои не се членки, е предвидена со Договорот од Лисабон како поддршка за Високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика – функција која сеуште ја извршува Федерика Могерини, поранешен Министер за надворешни работи на Италија. Службата започна со работа по нејзиното формирање на 1ви декември 2010 година и претставува прва супранационална дипломатска мрежа во светот. Дипломатската мрежа на Европската служба за надворешни работи е изградена врз мрежата на делегациите на Европската Комисија, па така поранешните Делегации на Европската Комисија станаа Делегации на Европската Унија – или т.н. Амбасади на Унијата.  И покрај тоа што Службата ја користи постоечката инфраструктура, сепак е надградена и целите кои ги поставува пред себе се повисоки, особено затоа што Службата не е веќе само претставник на една од институциите на Унијата, туку е симбол на заедничката надворешна политика на ЕУ, која сеуште се развива.

Одлуката на Советот за организацијата и начинот на работа на Европската служба за надворешни работи (Council Decision 2010/427/EU establishing the organisation and functioning of the European External Action Service) предвидува дека Службата е составена од функционери и други вработени во Европската Унија, но и од дипломати кои времено се ангажираат и доаѓаат од дипломатските служби на државите членки на Унијата. Ваквиот мешовит состав на Европската служба за надворешни работи се должи на потребата за воспоставување на заедничка дипломатска култура и espirit de corps кон вредностите на Унијата, а не на државите членки. Токму заради тоа, и обуката во рамки на Службата на европските, но и на националните дипломати се фокусира најмногу на зголемување на свеста за оваа нова димензија на европската дипломатија и свеста дека е потребно да се изгради европски идентитет во надворешната политика. Начинот на којшто се регрутираат вработените во Службата е според мерит системот, преку почитување на критериуми базирани на заслуги кои се потребни за влез и напредување во Службата, притоа водејќи сметка и за географската и родова застапеност. (повеќе за теоретската расправа за Службата, начинот на назначување и обука во Батора, Симон, Блокманс и Хилион)

Како нашата дипломатија би се вклопила во Европската служба за надворешни работи?

Нашата држава, членството во Европската Унија го поставува како еден од своите надворешно политички приоритети. Зачленувањето во Унијата опфаќа бројни аспекти кои треба да бидат усогласени со стандардите на ЕУ – почнувајќи од политичките критериуми за демократските капацитети, владеењето на правото и заштита на основните човекови права; преку економските критериуми за градење на функционална економија која ќе може да се носи со европскиот пазар и до критериумите за ефективно градење институционални капацитети за имплементација на европското законодавство – acquis communautaire. И покрај тоа што, вклучувањето на нашата дипломатска служба во работата на Европската служба за надворешни работи ќе дојде малку подоцна, односно со нашето стапување во членство на Унијата, сепак, прашањето кое се поставува е – што тоа членство од аспект на професионализација на нашата дипломатска служба би значело за нас сега?

По распадот на поранешната Југословенска Федерација и по стекнувањето на независноста, нашата држава пред сѐ ги користеше луѓето кои своите професионални способности и стручни знаења за дипломатијата и за меѓународните односи ги имаа стекнато во рамки на поранешниот федерален систем. Сепак, таа мрежа на поранешни дипломати беше мала и не можеше да се носи со обврските за водење на значајни дипломатски акции со кои новата држава беше соочена веднаш по осамостојувањето. Затоа, изгледаше логично да се пополни тој вакум во дипломатската служба на новата држава со личности кои се истакнати во своите професии, но кои немаат допирни точки со дипломатијата. Ваквата тенденција беше логична на самите почетоци, но подоцна беше искористена за партизација на дипломатската служба и именувања по партиска заслуга.

Денес, 28 години по независноста, во време кога веќе е евидентна можноста за добивање датум за почеток на преговорите со Европската Унија, ваквата тенденција е потребно да се менува и да се посвети внимание на реобмислување на начинот на именување во македонската дипломатија. Во контекст на тоа, потребно е да се зголеми бројот на професионални дипломати кои се назначуваат во нашите Дипломатско-конзуларни претставништва. Во нашето Министерство за надворешни работи веќе функционира внатрешен систем за креирање на кариерни дипломати во кој може да се инвестира за дополнителни обуки и доусовршување на овој кадар. На ваков начин во периодот кој ќе води кон наше зачленување во Унијата ќе почнеме да создаваме база која ќе се состои од професионални кадри кои понатаму ќе можат да бидат регрутирани како дел од Европската служба за надворешни работи.

——————————————————————————————————————————

Проектот е финасиски поддржан од  програмата „Правна помош и поддршка за зајакнување на капцитетите за застапување и одржливост на граѓански организации“, имплементирана од Македонското здружение на млади правници, Данскиот совет за бегалци, Фондацијата за развој на локалната заедница Штип и Коалицијата сите за правично судење, финансирана од Европска Унија.

 „Проектот се финансира од страна на Европската унија. Ставовите изразени во оваа колумна не ги одразуваат ставовите на Европската унија“ 

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.